Нови книги кои ќе бидат издадени во месец април
Не е тајна дека Goodreads ми е омилен сајт кога се во прашање книгите, а една од многуте работи кои ги сакам (покрај евиденцијата на прочитани книги, to-read листите, читањето рецензии и слично) е тоа што врз основа на мојата листа на книги, секогаш ме информираат и за нови најавени книги од писатели кои ги имам читано претходно.
Па така, при крајот на секој месец, на мојот мејл ми стигнува порака со книги кои се најавени за следниот месец, а за кои на Goodreads веќе има кратка содржина. Овојпат, решив да ги споделам со вас книгите кои стигнаа во моето сандаче 🙂
The Mother-in-Law – Sally Hepworth
Од Сали претходно ја имам читано “The Things We Keep”, книга која инаку премногу ми се допадна и ја оценив со чиста петка! Тоа беше една многу емотивна приказна, па затоа се изненадив кога видов дека овојпат имаме нешто поинакво од неа – книга која е ставена во категоријата трилери и мистерии 🙂
„Еднаш некој ми кажа дека во твојот живот имаш две семејства – она во кое си роден и она кое го бираш. Да, можеби го бирате вашиот партнер, но не ја бирате и вашата свекрва.“
Од моментот кога Луси ја запознава Дијана, таа знае дека мора да се држи на дистанца од неа. Дијана е исклучително љубезна, но Луси дури откако ќе се омажи за Оливер, сфаќа дека тие две никогаш нема да ја имаат блискоста на која таа се надевала.
Дијана е столб на заедницата, поборник за социјална правда, глава на семејството. А Луси толку сакаше да ја задоволи нејзината нова свекрва.
Тоа беше пред десет години. Сега Дијана е пронајдена мртва, оставајќи белешка за самоубиство. Но, обдукцијата открива докази дека таа всушност била задушена. А сите во семејството кријат нешто…
The Peacock Emporium – Jojo Moyes
Со Џоџо имаме love-hate relationship, ама упорно не се откажувам од нејзините книги 😀 Овојпат, имаме еден историски роман од неа.
Во шеесеттите години, Атин Форстер беше најгламурозната девојка во нејзината генерација. Таа беше убава, разгалена и надвор од контрола. Кога се согласи да се омажи со прекрасниот млад наследник Даглас Ферли-Хулм, нејзините родители конечно можеа да здивнат. Но, две години по нејзината венчавка, почнаа да се шират гласини дека таа има афера со еден млад продавач.
Триесет и пет години подоцна, Сузан Паун се бори за наследството на нејзината озлогласена мајка. Единственото место на кое Сузан наоѓа утеха е во “The Peacock Emporium”, прекрасно кафуле кое таа го отвара и со кое го маѓепсува целиот град. Таму таа ги наоѓа нејзините први вистински пријатели, меѓу кои и Алехандро – акушер кој се обидува да започне нов живот, бегајќи од Аргентина и сопственото минато.
Духот на нејзината мајка сè уште ја прогонува Сузан. Но, единствено преку соочување со нејзиното семејство, таа конечно ќе открие дека клучот за нејзиното минато и среќа можеби цело време бил пред неа.