Различни книги – иста корица
На светов постојат толку многу книги, па не е ни чудно тоа што многупати ќе сретнете корици кои изгледаат многу слично, како да се направени по некоја веќе проверена шема.
Како што има книги со слични приказни, претпоставувам дека е сосема нормално да имаат и слични корици. Впрочем, покрај тоа што корицата треба да биде впечатлива и доволно добро направена за да го привлече вниманието на читателите, таа треба и да го индицира жанрот на книгата, односно да даде некоја првична најава за каква содржина се работи.
Ако обрнете малку поголемо внимание на кориците, ќе забележите дека има многу што се слични, до таа мера што преминуваат во клише 🙂
Но, што е со оние книги кои имаат идентични корици?
Јас можеби имам проблем во тоа да запамтам наслов или име, ама верувајте дека имам одлична фотографска меморија! Па така, додека пред некое време разгледував нови книги низ Goodreads, налетав на една за која бев потполно сигурна дека некаде ја имам видено претходно. Откако убаво расчепкав низ мојата меморија, се сетив на една книга од Сакам книги, која ја има истата корица, но се работи за сосема друг наслов и писател.
Тајната сопруга од Џил Пол ја има потполно истата корица како книгата Letters to the Lost од Јона Греј, или на српски преведена како Pisma izgubljenoj ljubavi.
За да биде забуната поголема, Матица има направено превод на споменатата книга од Јона Греј, под наслов Писма до загубената љубов, но таа пак има поинаква корица 🙂
Како за некој кој книгите повеќе ги врзува за кориците, отколку за самите наслови и автори, можете да претпоставите колкава конфузија во главата ми создава ова 😀 Можеби затоа што очекувам македонските преводи да ги имаат истите корици како и оригиналните наслови, што некогаш е случај, но некогаш не.
Од друга страна пак, постојат различни книги напишани на ист јазик, кои ја носат истата корица. Не бев свесна колку често се случува тоа, сè додека не изгуглав и не најдов еден куп книги чии корици имаат иста слика, некогаш малку преработена, а некогаш комплетно идентична, а притоа носат различен наслов.