По пожарот во Нотр Дам, зголемена продажбата на „Богородичната црква во Париз“
Светот го преплавија ужасните вести за огромниот пожар во прекрасната катедрала во Париз, па веројатно секој кој барем за момент го вклучил својот телевизор или се поврзал на интернет последните неколку дена, дознал за загубата на ова уникатно парче историја.
И токму оваа ужасна вест, му донесе нешто добро на еден од најпознатите романи на Виктор Иго – „Богородичната црква во Париз“, која само неколку часа по избивање на пожарот, се искачи на врвот на листата продадени книги на Амазон.
Досега, многумина и не знаеја дека ликовите Квазимодо и Есмералда кои толку ги сакавме во детството, не се производ на Дизни, туку всушност се ликови од познатата книга на Иго.
Моите први сеќавања за овој роман датираат од многу одамна, кога додека бевме основно ја читаше една моја другарка, а на прашањето дали ѝ се допаднала, ми одговори: „Замисли, овој Виктор Иго ја опишува црквата камен по камен, затоа е толку голема.“ 😀
Долго време потоа не успевав да ја најдам, како и многу други класици кои за жал повеќе не се печатат, а нивните изданија можат да се најдат единствено во добро снабдените библиотеки. За среќа, една од поновите издавачки куќи, Полица, прави нови изданија на овие малку подзаборавени книги, меѓу кои можете да ја најдете и „Богородичната црква во Париз“. А ако и ние не останеме имуни на трендот, би ве советувала да побрзате и да ја купите што поскоро 😀 Освен тоа, како што беше најавено од Нова Македонија и Полица, заработката од продажбата на оваа книга ќе биде дониранa за реновирање на катедралата, што е причина плус да ја збогатите домашната библиотека со уште еден прекрасен роман.