„Копилето од Истанбул“ – Елиф Шафак
Приказната во еден од најпознатите романи на Елиф Шафак, започнува со прикажување на Зелиха – млада Турчинка, која се бунтува против традиционалното турско општество и сите очекувања. Облечена во кратки мини здолништа и со пирс на носот, ги привлекува погледите на сите мажи, каде и да се движи. На 19 години, Зелиха останува трудна и размислува да абортира. Таа е на половина чекор да го стори тоа, но нешто ја предомислува. Години подоцна, го следиме животот на Асја, нејзината ќерка. Откако Зелиха одлучила никому да не го открива името на нејзиниот татко, Асја останува копиле и расте во семејството на нејзината мајка, каде доминира жената. Таа е одгледана од нејзината баба, многуте тетки и нејзината мајка, без ниту еден маж во куќата. Се чини дека мажите во тоа семејство имаат краток животен век, а единствениот жив е Мустафа, братот на Зелиха, кој пред многу години се преселил во Америка и никогаш не се вратил назад. Сепак, Мустафа е приморан да се врати во Истанбул по скоро две децении, откако неговата поќерка Армануш, тајно ќе замине таму за да ја запознае неговата фамилија. Aрмануш и Асја за кратко време се зближуваат и несакајќи започнуваат да ги откриваат слоевите на тајната која ги поврзува овие две семејства.
Ова е една од оние книги за кои прочитав многу пофалби, но успеав да одолеам на желбата да ја прочитам кратката содржина, па ја купив без да знам за што се работи. Судејќи по самиот наслов, признавам дека имав сосема друга замисла, па затоа самиот тек на настаните комплетно ме изненади 🙂
Ако треба да ја опишам оваа книга со еден збор, тоа би било раскош. Одлично раскажана приказна, богата со многу разнобојни ликови, со сегменти од турската традиција и обичаи, со парче од нивната историја, а сето тоа дополнето со широката палета на мириси и вкусови на Истанбул. Впрочем, каква може да биде една книга која започнува со поглавје под наслов Цимет 🙂 Како и првото, така и секое наредно поглавје носи некоја храна или зачин во своето име. Смокви, печени лешници, суви кајсии, ванила… Целата приказна беше исполнета со убавини за сите сетила.
Ликовите беа сликовити, сите беа различни, живееја во својот свет, но на крајот оформуваа една убава целина. Стилот на пишување на Шафак е богат и ми се допадна доволно за да им дадам шанса и нејзините други книги. Што се однесува до самите настани, морам да признаам дека некои пресврти не ги очекував и во целост ме изненадија, но ми се допадна како беше заокружена целата приказна. Исто така ми се допадна и преводот, а научив и по некој турски збор 🙂 Топло ја препорачувам!
„Имаше нешто во белата боја што наликуваше на тишина. Во двете нема живот.“
„Но во тој миг сè уште истураше, а Зелиха одвај имаше ронка прошка во срцето. Чадор немаше, зашто си имаше ветено дека, ако е толкава идиотка да си ги фрли парите на уште еден уличен продавач за уште еден чадор, па да го затури некаде штом светне сонцето, тогаш заслужува да накисне до гола кожа. Тоа беше единственото нешто кај дождот што го споредуваше со тага: даваш сè од себе да останеш негибнат, безбеден и сув, ама кога просто не ти оди од рака, во одреден миг сфаќаш дека проблемот не се капките туку непрестајниот порој, па си велиш: Голема работа и ако накиснам.“
„Може ли да ѝ каже на Армануш дека длабоко во душата верува дека само ако спиеш со некој маж, можеш да бидеш наполно сигурна дека тој е вистинскиот за тебе; дека само во кревет најнезабележливите, внатрешни комплекси на човека испливуваат на површината; и дека што и да мислат луѓето, сексот е всушност многу повеќе сензуално отколку телесно доживување.“
„За оној на небото, градот сигурно личи на светкаво шаренило од трепкави искри на сите можни страни, како огномет што избувнува во густа темница. Во овој момент градското шаренило свети во нијанси на портокалова, црвеникава и окер жолта. Тоа е сплет од искри, секоја точка е светилка што го запалил некој буден во оваа доба. Од каде што гледа Небесниот Поглед, од височините, сите тие спорадично запалени светилки сигурно се чинат совршено хармонични, непрестајно растреперени, небаре му праќаат кодирана порака на бога.“
„Истанбул е турли-тава од десет милиони животи. Отворена книга со десет милиони измешани приказни. Истанбул се буди од својот немирен сон, подготвен за џумбусот на градскиот метеж. Ќе уследат премногу молитви за да се услишат, премногу пцости за да се забележат, премногу грешници и исто толку невини души за да се држат под око.
Во Истанбул веќе е утро.“
„Во овој дуќан им даваме совет на муштериите, дури знаеме и да одбиеме некого, ама никогаш никому не му судиме. Никогаш не прашуваме зошто. Тоа е една работа што ја научив рано во животот. Ако им судиш на луѓето, и вака и онака ќе го направат тоа што го наумиле.“