“Then She Was Gone” – Lisa Jewell

Тогаш
Ели има 15 години и е целата среќа на нејзината мајка. Таа е „златното девојче“ – одлична ученичка, мила душа, со блескава иднина пред неа. Но, еден ден Ели исчезнува без трага и глас.

Сега
Десет години откако исчезнува Ели, нејзината мајка Лорел сè уште не се откажува од тоа да ја пронајде својата сакана ќерка.
Еден ден, таа сосема случајно се запознава со шармантниот и харизматичен Флојд, по што Лорен повторно чувствува пеперутки во стомакот. По извесно време, Флојд решава да ја запознае Лорен со неговата 9 годишна ќерка Попи. Попи е прекрасна, паметна и убава, но едно нешто ја мачи Лорен – таа премногу личи на нејзината исчезната ќерка…

Ова е втора книга од Lisa Jewell која ја читам, откако првично ја запознав со “The House We Grew Up In”. Овојпат се решив за еден трилер од неа, за кој прочитав многу позитивни коментари.
Иако уште кога ја прочитав кратката содржина знаев што ќе се случи, си реков да не бидам толку скептична, а богами и самоуверена, па решив да ѝ дадам шанса. И морам да кажам дека ова е книга со која го постигнав рекордот, затоа што го предвидов крајот уште пред да почнам да ја читам 😀
Како што навлегував во приказната, така коцките се редеа на своето место и мојата теорија сè повеќе имаше смисла. Повеќе или помалку, околностите беа тие, какви што ги очекував.
Во секој случај, решив да ѝ дадам три ѕвездички, затоа што приказната не беше воопшто лоша, а со исклучок на неколку моменти, настаните воглавно ми се допаднаа. Поглавјата одеа наизменично – од една страна беше дадено самото исчезнување на Ели и што сè ѝ се случувало потоа, а од друга страна беше дадена слика од сегашноста и од тоа како нејзиното исчезнување се одразило врз нејзините најблиски. Во овој контекст, ми се допадна тоа што беше фрлено светло и на она низ што поминува едно семејство после загубата на некој сакан. На моменти ми се чинеше дека гледам исечоци од емисиите на Investigation Discovery.

Иако успеав да ја предвидам, сепак ја препорачувам на оние кои се расположени за трилер 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...