Саемските наспроти другите попусти во книжарниците
Дојде време за Саемот на книга 🙂 Секоја година редовно одам и не пропуштам да го посетам, откако претходно ги разгледувам сите достапни каталози и правам листа на книги. Ако нешто имам сфатено од сите овие години е тоа дека колку и да истражувам претходно, секогаш завршувам со книги кои ги немало на мојата листа 😀
Најпрво морам да кажам дека јас сум од оние читатели кои купуваат книги постојано, буквално секој месец. Не чекам специјално да дојде саемот, па да наполнам цела количка книги, туку полека, дел по дел ја градам мојата библиотека. На таков начин не доживувам финансиски шок, а освен тоа, убаво е кога секој месец имаш нови книги на кои можеш да им се радуваш 🙂
Многу често сум низ скопските книжарници, редовно ги следам нивните промотивни попусти, акции, поени на картичка, пакети книги и слично, па за саемот вообичаено веќе сум спремна, знам што нудат и кои книги би сакала да ги купам. Од таа причина, саемот најмногу го користам за да посетам штандови на издавачки куќи кои за жал немаат свои книжарници, па имам прилика убаво да видам што имаат да понудат. Токму затоа, на саемите обично најмногу се задржувам на нивните штандови.
Споредбено со други земји од регионот, не можеме да се пофалиме со саемски попусти за кои вреди да наполниш цел камион книги, но јас сум убедена дека на секој штанд можете да најдете прифатливи понуди. Одредени издавачки куќи нудат добри пакети од повеќе книги кои ги добивате за симболична цена, пример 4 наслови за 399 денари, или пак неверојатни 10 наслови за само 599 денари, што е навистина одлично.
После толку купени книги, со текот на времето научив како помудро и подобро да ги трошам моите (и онака тешко заработени) пари 😀 Никогаш нема да речам дека некоја книга не вреди за конкретната цена, но мислам дека со малку подобра организација и следење на останатите попусти и промоции во текот на годината, можете од истиот буџет потрошен на саемот, да добиете многу повеќе книги. Навистина не чувствувам потреба да купам брдо книги од саемот, кои и онака не доаѓаат по многу пониска цена од редовната, а за новите наслови кои ми го привлекле вниманието, трпелива сум за да почекам 🙂 Ако некоја книга многу ми се допаѓа и сметам дека доаѓа по навистина прифатлива цена, тогаш не се ни двоумам да ја купам, но веќе со години сум имуна на она потрошувачко лудило што владее на секој саем на книга.
Многу почесто и многу повеќе книги купувам при останатите попусти кои ги имаат книжарниците – на пример зимски фестивал на книгата, среќна среда, black friday, новогодишни попусти, попусти на книги од писателки по повод 8-ми март, попусти за светски ден на книгата и слично. Токму тогаш, во раце ми паѓаат многу интересни наслови, често и такви кои долго време ми биле на мојата листа за читање, па со задоволство ја користам приликата за да ги купам 🙂