„Немата пациентка“ – Алекс Мајклидис
Алисија Беренсон има навидум совршен живот. Таа е позната сликарка мажена за популарен и баран моден фотограф, живее во грандиозна куќа со огромни прозорци со поглед кон парк во една од најелитните населби во Лондон. Една вечер, нејзиниот сопруг Габриел се враќа дома доцна од фотосесија, и Алисија му пука петпати во лице, а потоа никогаш повеќе не прозборува ни збор.
Нејзиното одбивање да зборува или да даде какво било објаснување ја претвора оваа домашна трагедија во нешто многу поголемо, мистерија која ја потпалува имагинацијата на јавноста и ја прави Алисија уште поозлогласена. Цената на нејзините уметнички дела вртоглаво расте, а таа, немата пациентка, е скриена од таблоидите и рефлекторите во обезбеденo психијатриско одделение во Лондон.
Тео Фабер е психијатар за криминалци кој многу долго ја чека можноста да работи со Алисија. Неговата одлучност да ја натера да прозбори и да ја разоткрие мистеријата за тоа зошто го застрелала нејзиниот сопруг се испреплетува со неговите сопствени мотиви – потрага по вистината што не му дава мир. Зошто му е пак нему сево ова толку важно?
Иако е релативно нова книга, “The Silent Patient” за брзо време доби многу позитивни коментари и високи оценки, а набрзо добивме и превод на македонски јазик кој на Саемот на книга беше меѓу најпродаваните наслови на штандот на Сакам книги. Бидејќи бев жедна за некој добар трилер, не останав имуна на препораките, па ја фатив во првиот слободен момент.
Однапред да кажам дека за книгава во повеќе наврати прочитав дека има сосема неочекуван крај, па можеби затоа уште од самиот старт ги преоптеретив моите мозочни виуги за да го погодам можното сценарио. Крајот како таков – не го предвидов. Но, имаше некои елементи кои ги насетував, па одредени делови од расплетот не ме изненадија.
Ми се допадна тоа што ликовите беа навистина добро обработени, беше дадена нивната позадина и минато, па нивните постапки имаа смисла и објаснување.
Иако генерално ми се допадна, сепак останав малку скржава за петте ѕвездички, па од мене доби четири, затоа што некако немав чувство дека е за пет. Имаше некои работи во приказната кои мене лично не ми се допаднаа, а исто така очекував дека целата книга малку повеќе ќе ме зароби и нема да можам да ја пуштам од раце. Сепак, не беше така. Не дека ми беше досадна, но немав проблем со тоа да ја оставам. Веројатно тоа секогаш е случај после многу прочитани позитивни коментари и препораки – очекувањата се многу високи 🙂