„Ти не знаеш да сакаш“ – Сузан Е. Филипс
Договорен брак во дваесет и први век? Тоа е апсурд.
Тоа е ставот на Дејзи Девру кога нејзиниот татко ѝ соопштува дека мора да се омажи со човекот кој тој го одредил за неа или ќе ја остави препуштена сама на себе – засекогаш. Таа, искрено, нема некој голем избор. Може да се омажи за тмурниот, здрвен Русин или да заврши во затвор поради големите долгови на својата мртва мајка кои не може самата да ги отплати.
Александер Марков, од друга страна, му е голем должник на нејзиниот татко, па се согласува да му направи една услуга за возврат, но воопшто нема намера да глуми вљубен младоженец и да ја забавува девојката која по негово мислење не е ништо друго, освен разгалена празноглавка. Да видиме дали оваа мала богата, разгалена девојка ќе успее да се снајде и да издржи во неговиот свет повеќе од неколку дена.
Досега многупати сум налетувала на македонското издание на оваа книга на Филипс, но нешто секогаш ме одвраќало од неа… можеби корицата, или самиот наслов, не знам, но имало нешто поради кое сум ја прескокнувала кога сум ги разгледувала изданијата на Сакам книги. Сè додека не ја најдов аудио верзијата на оригиналот, со наслов Kiss An Angel, па откако изгуглав, видов дека се работи за оваа книга 🙂
Во период со многу обврски и ум на сите страни, ми требаше нешто лесно и релаксирачко, а можам да кажам дека не погрешив што се одлучив за овој наслов. Најпрво да потенцирам дека ова е прва книга од Филипс која сум ја прочитала и сфаќам дека не сум многу далеку од претставата која сум ја имала за нејзините книги. Љубовни, чик-лит приказни, лесни за читање кога сакаш да го пратиш мозокот на пасење 🙂 Зачинети со малку романтика, тук-таму и по некој клише момент (се чини неизбежен за ваквите книги) и секако – бајковит крај. Искрено кажано, колку и да ми требаше некоја приказна која ќе ме релаксира, сепак имаше моменти кои ми беа “cheesy”, па дури и ме натераа да превртам очи 😀 Сепак, знам каква книга одбрав, па токму затоа ќе замижам пред сите вакви забелешки. Во останатиот дел ми се допадна – приказната беше интересна, ликовите ми се допаднаа, иако мислев дека Дејзи нема да ми биде симпатична, сепак се покажа спротивното. Дури не беше ни толку предвидлива, барем јас имав поинаква идеја за одредени настани што се случија.
Сумирано, ја оценив со три ѕвездички, а би рекла дека е одлична книга за разладување во топлите денови 🙂