Нови книги кои ќе бидат издадени во месец јули
Ако минатиот месец имавме многу чик-лит наслови, месецов во моето поштенско сандаче добив најмногу предлози за трилери кои треба да излезат во месец јули 🙂 Издвоив дел за да ги споделам со вас.
Да почнеме со еден трилер Joshilyn Jackson – Never Have I Ever, чија корица на прв поглед многу ме потсети на Little Fires Everywhere 🙂
Ејми Вајт е горда на својот обичен живот и едноставните работи кои ѝ причинуваат задоволство – часовите по нуркање, печењето колачиња за новите соседи, водењето локален клуб на читатели заедно со нејзината најдобра пријателка Шарлот. Нејзината најголема радост е нејзиното семејство: посветениот сопруг професор, нејзината разиграна петнаесетгодишна поќерка, нејзиниот неодолив новороден син. Но, слаткиот и едноставен живот на Ејми ќе добие пресврт кога во читателскиот клуб ќе се појави Анжелика Рукс.
Харизматична и шармантна, Анжелика за кратко време ја освојува групата преку нејзината магнетна енергија. Малку вино и интересни разговори, па Ангежика ги вплеткува сите во опасна игра на откривање тајни. Откако остануваат сами, таа на Ејми ѝ се заканува дека ако не ѝ го даде она што го бара, она што го заслужува, таа ќе направи Ејми да плати за своите гревови, на еден или друг начин.
За да се заштити себеси и нејзината фамилија, Ејми мора да го победи ѓаволот во целата игра, преку војна на скриено минато и откопани тајни. Ејми ги знае последиците ако не успее да ја победи Анжелика, но ја плаши и она што може да го изгуби дури и ако победи.
Од Џошлин ја имам читано “The Almost Sisters” која е сосема поинаква од нејзината најнова книга, па ќе ми биде интересно да ја видам истата писателка под мистериозното светло на трилерите 🙂
Продолжуваме со 12-тото продолжение од Harry Hole серијалот, под наслов Knife од Ју Несбе.
Хари Хоул има тежок период во неговиот живот. Ракел – единствената жена која некогаш ја сакал – го напушта, засекогаш. Тој добива шанса за нов почеток, почнувајќи со работа во полицијата во Осло, но седејќи во студената канцеларија, сфаќа дека она што навистина сака е да ги истражува случаите за кои се сомнева дека имаат врска со Свемин Фин, сериски силувач и убиец кој Хари го ставил зад решетки. После повеќе од една деценија, Фин е пуштен од затвор, а Хари е подготвен да продолжи онаму каде што застанал. Кога едно утро Хари се буди со туѓа крв на рацете, неговиот кошмар започнува.
Досега немам читано ниту една книга од овој серијал, но знаејќи го стилот на пишување на Ју Несбе, не се сомневам дека ниту оваа книга не отстапува од другите. Колку што знам, книгите за Хари Хол можат да се читаат одделно, со тоа што верувам дека има некои ситници кои се провлекуваат и развиваат низ книгите, а врзани за неговиот приватен живот.
За крај како нешто малку поинакво за да внесе малку топлина меѓу трилерите – “Window on the Bay” од Debbie Macomber.
Џена Болц се наоѓа на крстопат во нејзиниот живот. По лошиот развод од нејзиниот сопруг хирург пред речиси дваесет години, таа самата ги одгледала нејзините две деца, балансирајќи меѓу мајчинството и нејзината работа како медицинска сестра за интензивна нега во Сиетл. Сега кога Пол и Али одат на колеџ и се преселуваат од нејзиниот дом, Џена се запрашува каква е нејзината иднина.
Нејзината најдобра пријателка, Морин, дава предлог тие две да заминат во Париз, град за кој сонувале уште од студентските денови. Во меѓувреме, мајката на Џена го крши колкот, а д-р Роуан Ланкастер е оној кој ѝ помага. И покрај неговата тивка и воздржана надворешност, Роуан веднаш е привлечен од шармот на Џена. Џена се двоуми дали повторно да се вплетка во врска со уште еден хирург, но мора да признае дека е заинтригирана од него. Но, кога децата на Џена ѝ кажуваат шокантни вести, таа сфаќа дека треба да го прифати неочекуваното, пред животот да помине.
Debbie Macomber ја запознав со “The Inn at Rose Harbor” и ми остави добар впечаток, барем кога се во прашање семејните драми на каква што ми наликува и нејзината најнова книга. Колку и да се обидувам да не дозволам корицата да влијае на мојата првична перцепција, сепак морам да си кажам дека ми се апсолутно симпатични ваквите корици кои по малку ме потсетуваат на американските серии и филмови од 90-тите 🙂