Продажбата на аудио книги зголемена, а на печатените – намалена
Здружението на издавачи (The Publisher’s Association) секоја година собира податоци од голем број на издавачки куќи, за што потоа објавува годишни извештаи во врска со продажбата на книги. Неодамна беше објавен извештајот за 2018 година, со интересни податоци кои решив да ги споделам на мојот блог 🙂
Иако кај нас генерално аудио книгите не се многу популарни, дел затоа што не се многу достапни на македонски јазик, дел затоа што читателите сè уште се скептични за овој формат на книги, на глобално ниво аудио книгите земаат сè поголем замав. Имено, според извештајот на Здружението на издавачи, во текот на минатата година продажбата на аудио книгите била значително зголемена, дури за 28,7% за разлика од 2017 година. Кога станува збор за овој формат книги, приходите на издавачите пораснале за 181,8% од 2014 до 2018 година, а се проценува дека од вкупната онлајн продажба на книги, 13,7% им припаѓаат на аудио книгите, односно неверојатни 69 милиони фунти. Според извештајот, најпродавана аудио книга во текот на изминатата година е последната книга на Мишел Обама, Becoming.
Додека аудио книгите се продаваат сè повеќе, продажбата на печатените книги во текот на 2018 година била намалена за 5%. Од една спроведена анкета кај читателите, дури 81% процент изјавиле дека преферираат аудио книги, затоа што можат да прават други работи истовремено. Впрочем, тоа е една од многуте предности на овој формат на книги за кои пишував на мојот блог, а се причина зошто редовно слушам аудио верзии на книгите кои ме заинтересирале 🙂