„Бунтовна кралица“ – Мишел Моран
Индија, 19 век.
Во времето на британската колонизација, Индија се состоела од низа мали кралства кои често меѓусебно војувале. Иако англиската влада очекувала слаб отпор, господарката на едно од тие кралства – Јанси, кралицата Лакшми Баи, повела храбра побуна против моќното Британско Кралство.
Раскажан од перспектива на Сита, една од личните чуварки и пријателки на кралицата, романот го опишува комотниот живот во дворецот на кралството на Јанси, но и тешкото секојдневие на индиските жени.
Иако од висока каста, семејството на Сита не можело да собере доволно мираз за таа да се омажи. Додека нејзината баба била со идеја да ја одведат во храмот како проститутка, нејзиниот татко одлучил да ја научи да зборува англиски и да стане вешта во ракување со оружје.
Преку нејзините вештини, таа се докажува како доволно добра за да стане дел од чуварите на кралицата. Во кралскиот дворец, таа ја пронаоѓа својата слобода и можноста за напредување, но го открива и значењето на предавството, поради што ќе мора да утврди кому и за што може да верува.
Ова е книга која беше особено популарна за време на зимскиот саем во Матица кога беше на попуст, но јас ја купив нешто подоцна, па пред скоро време ја дочитав и решив овде да ги споделам моите импресии 🙂
Иако заради обврските прилично многу ја развлеков, книгава воопшто не ми беше досадна, а бев малку скептична, од причина што некои романи кои обработуваат историски настани знаат да бидат многу фокусирани на тоа, до мера што сакам да ги прескокнам тие делови. „Бунтовна кралица“ воопшто не беше таков роман и тоа многу ми се допадна, бидејќи историските случувања се провлекуваа низ интересните раскажувања на Сита, чиј лик многу го засакав. На крајот од романот има речник со кој можете да се служите, бидејќи во текот на читањето ќе наидете на многу термини за кои ќе ви биде потребен превод. Исто така, на крајот во белешката на авторот можете да прочитате кои делови од книгата се вистинити, а кои се изменети за потребите на приказната. Во секој случај, ценам кога некој автор добро ќе го проучи она за што пишува, а морам да признаам дека Моран многу се потрудила во истражувањето на легендите за кралствата во Индија и сето тоа одлично ги пресликала во раскажувањата на Сита.
Во продолжение неколку цитати кои ми оставија впечаток и ги обележав во текот на читањето 🙂
„На крајот на краиштата, мемоарите не се отворена врата во нечија личност, повеќе прилегаат на скршени прозорци, а сопственикот на куќата се обидува да ја оправда сета таа штета.“
„За оние кои не читаат, животот се состои само од она што ќе го допрат и видат, а не и од она што ќе го почувствуваат кога, на пример, ќе ги отворат страниците на драмата која ги пренесува во Арденската шума или во Илирија. Светот на љубителите на книги е исполнет со илјадници бои, но ми се чини дека за оние другите е само црн и сив. Дрвото им е само тоа и ништо повеќе, затоа никогаш не станува волшебен влез во посебен свет, креиран од суштества какви што овде не постојат.“
„Дури и денес, кога ќе се роди син, се свири музика, а луѓето танцуваат и на сиромашните им даваат колачиња, но ако на свет дојде девојче, куќата ја обвива тишина, густа и тешка како прекривка, бидејќи нема причина за разговор, а камоли за славење.“
„Сите што ја искусиле, знаат дека болката е многу слична со грабливецот, бидејќи првин ви ја краде среќата, а потоа и сè друго, ако ѝ допуштите.“
„Ме обзеде необично чувство, бидејќи посакав истовремено да бидам на две места, како морнар кому морето му недостига исто толку колку и копното.“
„Многу се чудев на фактот дека некои луѓе низ животот минуваат како срп, па сечат сè што ќе им се најде на патот, освен она што им користи.“
„Ќе преживеам, бидејќи сум преживеала и полоши работи. На крајот, јас сум како бамбус кој се витка, но не пука.“
„На личностите кои нè опкружуваат може да им поплочиме улици, но не може наместо нив да одбереме по која насока ќе појдат…“
„Љубовта може да биде како годишните времиња, нејзиниот зелен лист да се претвори во нешто кршливо и пожолтено.“