„Мојот личен ФБИ агент“ – Џули Џејмс
Што се случува кога судбината ќе спои двајца вечни непријатели?
Од сите можни хотелски соби во Чикаго, асистентот државен јавен обвинител, Камерон Линд мораше да ја одбере токму онаа до собата број 1308, каде едно неверојатно бучно и агресивно „водење љубов“ завршува со убиство. Освен што е сведок на убиство, од сите ФБИ агенти во Илиноис, одговорен за истрагата мораше да биде токму специјалниот агент Џек Палас. Да, истиот оној намуртен и страшен Џек Палас кој уште не може да го заборави нивното минато и ја обвинува дека за малку ќе му ја уништела кариерата пред три години…
Џек да работи со Камерон Линд? Дали тие се шегуваат со него? Па тој не сака ниту да ја види лудата жена. Иако тие двајца не сакаат ниту да се видат, сега мора да го остават зад себе своето бурно минато и да се фокусираат на задачата пред нив. Ако воопшто можат да се фокусираат кога не се ни способни да размислуваат кога се блиску еден до друг…
Ова е книга која неодамна ја добив на подарок и беше првата од Џули Џејмс која сум ја прочитала. Никогаш претходно не сум посегнала по некој нејзин наслов, макар што знам какви книги пишува, само што поради некоја причина, можеби изгледот на кориците, можеби самите наслови, имав претстава дека се работи за ултра cheesy книги. Сепак, оваа книга ми се допадна доволно за и понатаму да се решам за некоја книга од Џули Џејмс, кога ќе бидам расположена за чик-лит.
Книгава се чита брзо и лесно, страниците летаа, иако фонтот на букви, а богами и проредот е ситен 😀 Не превртував очи (иако искрено кажано тоа го очекував), не ми беше досадна, туку напротив – многу интересна и забавна. Беше убав спој на романтика, симпатични ликови, хумор, а од друга страна и бурни сцени, напнатост и неизвесност. Ја препорачувам 🙂