“The Nest” – Cynthia D’Aprix Sweeney
Секое семејство има свои проблеми. А дури и меѓу најпроблематичните – семејството Плам се истакнува со својата спектакуларна нефункционалност. The Nest ја следи приказната на четирите деца во семејството Плам – секој со своите грижи и маки, секој држејќи се до своите приоритети, справувајќи се со сите животни прилики и неприлики.
Мелоди е мајка која постојано ја мачат финансиски проблеми – од една страна е хипотеката на нивната семејна куќа, а покрај тоа и грижата за нејзините ќерки близначки кои за брзо време треба да се запишат на колеџ.
Писателката Беатрис која некогаш продавала илјадници копии од нејзините книги, сега се соочува со креативна блокада, а нејзиниот последно напишан роман не наидува на позитивни коментари од издавачките куќи.
Џек е препродавач на антиквитети кој со својот сопруг Вокер живее во куќа заради која е во долгови до гуша. А најстариот од нив, харизматичниот Лео, штотуку излегува од рехабилитација после низа предизвикани проблеми кои завршуваат трагично.
Тие четворица не се често во контакт, имаат одвоени и мошне различни животи, не постои големо разбирање меѓу нив, па поради тоа се држат на дистанца едни од други. Сепак, има нешто што ги спојува, а тоа е финансискиот фонд кој го основал нивниот починат татко. The Nest (Гнездото) е всушност името на фондот чии пари ќе ги добијат и поделат штом најмалата сестра, Мелоди, наполни 40 години. Сите се окупирани со она што ги мачи, очекувајќи ги средствата кои ќе им решат барем дел од проблемите. Поради тоа, мораат да се во контакт, а особено заради тоа што текот на настаните се менува – на проблематичниот Лео му се потребни пари, а Мелоди, Џек и Беатрис се приморани да му помогнат со својот дел од фондот.
Кога ја одбрав книгава, бев желна за некоја семејна драма и дефинитивно го добив она што го барав 🙂 Ми се допадна тоа што е спој на повеќе различни теми кои се вплетени една во друга – семејните врски и тајни, пријателството, сексуалноста, зависта, алчноста, дисфункционалноста на едно семејство… имаше симпатични ликови, но и такви кон кои во текот на читањето развиваш некоја одбивност, па дури и омраза. Иако, за волја на вистината, ликовите и немаа баш некоја голема длабочина – мислам дека видовме само една страна од нив.
Ми беше проблем беше тоа да ги запамтам сите имиња, затоа што има многу ликови и сите се меѓусебно сврзани. Мислам дека ми беше дополнително отежнувачки тоа што ја слушав аудио верзијата, можеби ако ја читав во печатена форма полесно ќе ми беше да ги запаметам сите ликови. Исто така, навистина посакував (и се надевав) на поинаков крај.
Сепак, ми се допадна, можеби затоа што барав баш нешто такво, па баш добро ми легна 😀