Колку македонските читатели имаат пристап до книжарници?
Со оглед на тоа дека секојдневно се движам низ центарот на Скопје, во радиус од еден километар ги имам сите можни книжарници почнувајќи од Антолог, Полица, Матица, Или-или, Сакам книги, Култура, Литература, Три, Топер, Просветно дело, Икона… сигурно ќе заборавам некоја. Многу често ги посетувам и го сакам времето поминато таму, додека разгледувам што имаат ново и какви понуди нудат. На крајот на краиштата, дури и да излезам со празни раце од таму, си заминувам со некое убаво чувство, бидејќи ми годи самата атмосфера во книжарниците и љубезниот персонал кој секогаш е расположен за разговор за книги 🙂 Од оваа причина, речиси никогаш не ги купувам книгите онлајн, нешто кое денес гледам дека го практикуваат многу читатели.
Неодамна на мојот Инстаграм профил ве прашав дали сте задоволни од пристапот до книжарниците, како најчесто купувате книги доколку во вашиот град ја нема конкретната книжарница и која книжарница би сакале да ја видите во вашето место на живеење. Од сите кои ми пишаа, створив некоја генерална слика, која решив да ја споделам тука со вас.
Кога е во прашање состојбата во другите градови, македонските читатели имаат навистина отежнат пристап до книжарници и избор на книги. Најголемиот дел од вас кои живеат во другите градови, ми пишаа дека најчесто ги купуваат книгите онлајн – практичен и лесен начин да дојдете до книги, особено ако во вашето место на живеење ја немате книжарницата од која можете да го купите конкретниот наслов. Проблем при ваквото купување е тоа што доплаќате за доставата и, како што ми посочија некои од вас, тоа што не можете да ја користите клупската картичка за попуст, барем не сè уште. Како некој што редовно ги користи ваквите картички, можам да потврдам колку голем плус е нивното користење – минималниот попуст кој можете да го добиете со било која од од овие картички е 10%, но може да биде и многу повеќе. Па, дури и да го користите минималниот попуст, на повеќе книги можете да добиете една гратис.
Друг проблем во овој дел е тоа што мал број на издавачки куќи нудат онлајн продажба. Знам дека ваков систем не е лесно да се спроведе, но мислам дека вреди да се инвестира во истиот, бидејќи како што заклучив и по вашите пораки, најголемиот дел од вас порачуваат книги онлајн. Иако работите се менуваат и со текот на времето гледам дека повеќе издавачки куќи почнуваат да нудат ваква опција, сепак сè уште има такви чии книги можете да ги купите само во книжарница. На пример, Матица е една од нашите најпознати и најстари издавачки куќи, но нивната веб-страна веќе подолго време не е во функција, а онлајн се служат само со нивната официјална фејсбук страна.
На прашањето кои книжарници сакате да ги видите во вашиот град, најголем дел од одговорите беа Сакам книги, Култура, Литература и Матица. Не успеав да најдам точни информации за тоа колку и во кои градови имаат книжарници, но знам дека со исклучок на Матица, останатите три книжарници нудат онлајн продажба, што е голема предност за оние кои не живеат во Скопје. Исто така, нивните изданија можете да ги најдете и во други книжарници во останатите градови, во одредени маркети и бензински станици, но во секој случај – факт е дека на нашите читатели им требаат повеќе книжарници 🙂