Клупски картички за попуст во нашите книжарници
Клупските картички за попуст се особено популарни во последно време и верувам дека сите имате барем една, без разлика дали е од некој маркет или продавница. Во мојот паричник, дефинитивно доминираат картичките за книжарници, покрај оние од Тинекс, Рамстор, My Time и слични продавници 😀 Ги користам при секое купување на книги и досега можам да заклучам дека преку ваквите картички можете да заштедите доста пари, особено ако ги користите за книги кои носат повеќе поени, или ако купувате поголем број книги.
Неодамна на мојот инстаграм профил ве прашав дали ги користите ваквите картички и одговорите беа поделени, односно 47% од вас ми одговорија дека ги користат, наспроти 53% кои одговорија со не. Од книжарниците чии картички ги употребувате ми ги посочивте оние на Три, Култура и Сакам книги кои ги пушти нивните Reader’s cards на денот на отворање на нивната книжарница. Сепак, се чини дека генерално читателите кај нас малку ги користат, можеби затоа што се релативно од неодамна во употреба, иако зависи за која книжарница станува збор, а веројатно една од причините е тоа што не функционираат за онлајн купување, барем не сè уште.
Мојата прва клупска картичка дефинитивно беше онаа од книжарница Три која ја имам од многу одамна, можеби уште од средно, што беше пред многу години 😀 Со неа добивате 10% попуст на сите изданија на Издавачки центар Три – не се собираат поени, не се зголемува попустот после одреден број купени книги, а попустот не важи доколку на некое издание веќе има попуст.
Втората картичка се сеќавам дека ми беше онаа од книжарница Култура – при секое купување книги добивате 10% попуст, при што на задниот дел од картичката ви ставаат печат. После десет купувања, односно десет печати, како верен купувач добивате 15% попуст 🙂
На отварањето на првата книжарница на Сакам книги, се здобив со уште една картичка за попуст 🙂 Во прилог објаснување за тоа како функционира. Досега имам собрано добар број на поени од купените изданија од нивната книжарница, особено за време на саемот или кога купувам некоја нова книга, штотуку промовирана – за таквите секогаш имаат солидни попусти преку вакво собирање на поени.
Од 2 септември Антолог ги пушти новите картички, а една од нив заврши во мојот паричник уште првиот ден 🙂 Почетниот попуст е 10%, а истиот се зголемува во зависност од тоа колкав промет ќе направите во текот на годината и може да стигне до 25%.
Картичка која не го дочека објавувањето на оваа статија – Литература 😀
За разлика од наведените книжарници каде картичките ги добивате на лице место, веднаш, во Литература мора да почекате извесно време откако ќе го пополните формуларот за да ви јават дека картичката е готова. Со оглед на тоа дека секојдневно поминувам покрај нивните книжарници, прашав неколку пати, но еве повеќе од еден месец ја немам добиено. Не знам од која причина толку долго се чека и не знам точно како функционира, но знам дека со почесто приложување на картичката се зголемува и попустот, така што решив купувањето книги во Литература да го одложам за откако ќе ја добијам картичката 🙂
Меѓу книжарниците кои порано имале клупски картички, но веќе не функционираат се Матица и Топер. Од Матица ми рекоа дека даваат 10% попуст на оние кои барем еднаш купиле книга во нивните книжарници и се внесени во системот. Од Топер ме информираа дека исто така порано имале картички, но веќе не ги користат, бидејќи не им се исплати, со оглед на тоа дека нивните изданија ги продаваат по релативно ниски цени.
Без разлика на тоа како функционира системот за користење на клупските картички во зависност од книжарницата, односно дали нуди фиксен /променлив попуст, или пак собирање на поени кои потоа можат да се користат за повторно купување, доколку редовно купувате книги можете да заштедите пари, па неколку книги да добиете гратис 🙂