Книги за љубителите на храната и готвењето

Сончев ден во септември, отворен прозор во кујна и шпагети што се крчкаат додека слушам аудио книга на телефон и барам рецепти за сос. Во такви моменти секогаш, буквално секогаш, како во главата да имам некое прозорче што работи во позадина и размислува која книга следна ќе ја слушам или читам. На гладно срце, си помислувам… хм, некоја книга со шпагети и многу сос, и пармезан, и босилек, и… вино!

Па на памет ми доаѓа Veliki narodni kuvar, готвач што верувам дека е дел од многу југословенски кујни, а меѓу нив и нашата 😀 Се пуштам во потера по книги на Goodreads и знам што барам – книги за сите љубители на храната и готвењето 🙂 Покрај толку многу „вкусни наслови“, сфатив дека сепак ќе морам прво да ставам нешто во мојот стомак пред да ги разгледам сите книги и да одберам некоја 😀

А денес, ги споделувам со вас највкусните наслови – книги кои се совршени за вас доколку ја сакате храната и готвењето, а не се книги-готвачи со рецепти 🙂

Кога веќе погоре го спомнав виното, да почнеме со… Bread and Wine: A Love Letter to Life Around the Table with Recipes – Shauna Niequist

Ова е книга за семејство, пријателите и храната што нè зближува. Зборувајќи за лебот и виното, како нешто кое од Бога ни е дадено да нè поврзува едни со други, Шона раскажува за семејните врски, истовремено низ различни рецепти кои ќе ве натераат да се пикнете во кујна и да готвите 🙂

Julie and Julia: My Year of Cooking Dangerously – Julie Powell

Ако сте верен фан на Мерил Стрип, тогаш сигурно сте го гледале нејзиниот филм Julie and Julia, кој всушност е направен како комбинација на две книги, од кои едната се мемоарите на Џули Пауел, која раскажува за точката во нејзиниот живот кога решава да промени сè од корен. Пред нејзиниот триесети роденден, Џули сфаќа дека ѝ треба нешто ново. Таа живее во Квинс и работи здодевна работа без никаква перспектива, додека сите нејзини пријателки постигнуваат забележителни успеси во животот. Џули смислува наизглед неостварлив план за да ја пренасочи својата енергија; таа одлучува да помине точно една година подготвувајќи ги сите 524 рецепти од готвачот на Џулија Чајлд „Совладување на уметноста на француската кујна“. За таа цел, таа отвора и блог на интернет, каде почнува да ги споделува нејзините искуства.

When in Doubt, Add Butter – Beth Harbison

На 37 годишна возраст, Гема е убедена дека нејзините шанси за пронаоѓање љубов се завршени. Со сопствен бизнис и работа како приватен готвач, нејзиниот живот се чини прилично безбеден.

Таа има шест постојани клиенти кои го пополнуваат нејзиниот распоред од почеток до крај. Тука е Лекс, драматичниот, но фантастичен сопственик на продавница; Вила, која според наредбите на лекарот мора да ослабне, но сепак верува дека благодарение на путерот сè може да биде повкусно; шареноликото семејство кое можеби, а можеби и не е дел од руската мафија; уште едно (ултрабогато) семејство; прекрасниот Ван Хаутенс чија мајка е алергична на сè; и конечно, човекот кој таа го нарекува „господин вторник“ – никогаш не го запознала, а сепак на некој чуден начин, тој ја привлекува.

За Гема, готвењето е предвидливо. Рецептите се сигурни. Користете добри состојки, следете ги упатствата и успехот е загарантиран! Животот, од друга страна, е толку непредвидлив и полн со изненадувања. Па така, кога Гема неочекувано скршнува од патот за кој отсекогаш мислела дека е вистинскиот, таа мора да се соочи со своето минато и да носи одлуки на кои никогаш не би ни помислила. Понекогаш во животот, сè што ви треба е малку надеж, многу храброст и… о, да, путер!

A Taste of Heaven – Penny Watson

Вдовицата Софија Браун секогаш ги следи правилата. Кога продуцентот на еден кулинарски натпревар за готвење го бара совршеното предјадење, останатите готвачи одат на сигурни варијанти. Но Софија, која знае дека има само една шанса да ги импресионира судиите на „Вкусот на рајот“, создава извонреден десерт, комбинација на горчливото и слаткото, исто како и нејзиниот живот. Еден залак менува сè. После цела година жалејќи по нејзиниот починат сопруг, четириесет и седумгодишната Софија е конечно подготвена да излезе од нејзината школка. За жал, постои голема пречка што стои на нејзиниот пат. Шкотскиот готвач Елиот Адамсон е закана за нејзината победа. Поттикната од нејзините ќерки, таа тргнува во потресна авантура што ја носи од полињата со диви цвеќиња на Вермонт до ветровитиот Северен Бервик, Шкотска. Стравот, храброста и инспирацијата од многу неверојатни места ќе го одбележат ова патување, а Софија е решена да истрае до самиот крај.

Од десертите, верувам дека на сите веќе многу добро ви е позната Чоколада! Chocolat – Joanne Harris

Сигурно барем еднаш сте го фатиле филмот на телевизија, но доколку сепак не ви е позната приказната, еве мал вовед – Зимата 1959 година, Вијан Роше заедно со нејзината ќерка Анук се преселува во едно мало француско село. Тие заедно отвараат продавница за чоколадо, токму во пресрет на 40 дневните Велигденски пости, со што ќе си создадат големи проблеми со мештаните. Со нејзината способност да ги препознае тајните желби на своите купувачи и да ги задоволи со точно одбраните слатки, Вијан ќе ги натера граѓаните да попуштат во искушението. Строгиот градоначалник е запрепастен од искушенијата кои Вијан ги создава со своите деликатеси. Плашејќи се дека тоа ќе создаде голем проблем за верниците, тој на мештаните им забранува да влегуваат во продавницата на Вијан, надевајќи се дека ова ќе ја натера да го напушти градот. Но, во градот доаѓа уште еден странец, згодниот Роукс, па тој и неговите луѓе ќе ги здружат силите со Вијан да го ослободат градот, со што доаѓа до конфликт меѓу оние кои ги преферираат старите навики и оние кои уживаат во новоткриениот вкус на задоволството.

Уште една книга која ја доживеа својата екранизација Under the Tuscan Sun – Frances Mayes

Франсес Мејес е 35-годишна писателка од Сан Франциско, чиј совршен живот неочекувано се менува. Нејзиниот скорешен развод предизвикува писателска блокада кај неа и таа е многу депримирана, а нејзината најдобра пријателка, Пети почнува да мисли дека можеби никогаш нема да закрепне. Лекот кој го препорачува д-р Пети е 10 дена во Тоскана. Френсес таму импулсивно купува вила која буквално се вика „Брамасол“ или во превод „нешто што копнее по сонцето“. На домот му треба многу реновирање, но дали има подобро место за нов почеток од домот на ренесансата? Додека ужива во својот нов живот во вилата, насред бујната и прекрасна италијанска природа, Франсес се спријателува и со своите соседи, но кога е сама таа се плаши дека нејзините амбиции за нов живот и ново семејство можеби нема да се остварат. Тоа трае сé додека една случајна средба во Рим не ја фрла Франсес во прегратките на мистериозниот продавач на антиквитети од Портобело, Марсело. Дали ова е тоа за што таа сонуваше? Може ли да трае љубовта со Марсело? Дали нејзиниот нов живот ќе успее под тосканското сонце?

Eat Cake – Jeanne Ray

За Рут, печењето колачиња отсекогаш бил добар начин за ослободување од стресот. Но, сега, кога нејзиниот сопруг ја губи својата работа, нејзиниот татко доаѓа на подолг престој, а нејзината ќерка тинејџерка ја усовршува уметноста на муртењето – Рут мора да стори нешто за да го спаси денот.

Еден цитат кој можеби ќе ве привлече да ја одберете оваа книга:
“Cakes have gotten a bad rap. People equate virtue with turning down dessert. There is always one person at the table who holds up her hand when I serve the cake. No, really, I couldn’t, she says, and then gives her flat stomach a conspiratorial pat. Everyone who is pressing a fork into that first tender layer looks at the person who declined the plate, and they all think, ‘That person is better than I am. That person has discipline.’ But that isn’t a person with discipline, that is a person who has completely lost touch with joy. A slice of cake never made anybody fat. You don’t eat the whole cake. You don’t eat a cake every day of your life. You take the cake when it is offered because the cake is delicious. You have a slice of cake and what it reminds you of is someplace that’s safe, uncomplicated, without stress. A cake is a party, a birthday, a wedding. A cake is what is served on the happiest day of your life.”

Бонус: еден десерт зачинет со мистерија 🙂 And Then There Were Crumbs – Eve Calder

Животот на Кејт во Менхетен бил сладок, сè додека таа не го изгубила нејзиниот вереник и работата во ресторан. Во обид да сврти нова страница на нејзиниот живот, таа почнува од почеток – во островски град јужно на Флорида, меѓу сончеви плажи и пријателски настроени мештани. Шетајќи низ градот, таа наидува на оглас за работа во локална пекарница. Откако ќе успее да го убеди намќорестиот Сем дека таа е вистинскиот избор за неговата пекарница, Кејт едвај чека да ја облече нејзината престилка. Но, доаѓа неволја… Откако агентот за недвижности, Стјуард Лорд, ќе влезе во конфликт со Сем заради неговата пекарница, Стјуард го наоѓаат мртов, а Сем е осомничен дека го отрул со неговите колачиња со цимет. Кејт е избезумена, но е решена да го ослободи Сем и да дознае кој се вмешал во нејзината кујна.

Би можело да ти се допадне и ова...