„Никој не знае за нас“ – Симона Спарако
„Сите сме тука.
Секоја со својот помалку или повеќе видлив трофеј и со здравствениот картон во рака. Сите сме наредени во ред како кога на училиште чекавме наставникот да го изусти нашето име. Една чита списание, со нејасен израз на лицето како нешто чудно да ѝ се врти низ главата. Друга пак, седи со наведната глава и скрстени раце, прилично нервозна. Се чинеше како позади онаа врата со пастелна боја да има радиокативно зрачење. Лоренцо го нема повеќе. Во оваа куќа нема никогаш повеќе да живее, и неговата соба ќе остане затворена уште кој знае колку време. Побарав од Пјетро да не преместува ништо, да ја остави секоја работа на свое место. Утрово треба да станам од кревет и да го убедам мојот мозок, да го научам дека можеби треба да научи да живее со реалноста на ова отсуство.“
Кога Луче и Пјетро одат на клиника за еден од последните прегледи пред породувањето, тие се на седмо небо. Пјетро дури го носи неговиот џемпер кој му носи среќа, а кој го облекува за посебни прилики. Потребни им биле години за да дојдат тука… години поминати во пресметување на плодни и неплодни денови, со календарот во рака, „закажан секс“ и очекувања кои конечно се исполнуваат. Но, штом малиот Лоренцо се појавува на мониторот, насмевката на гинекологот згаснува. Нешто не е во ред со Лоренцо… не се развива како што треба. Ако го доживее породувањето, со сигурност ќе има аномалии, а прашање е и колку долго ќе може да живее потоа…
Луче и Пјетро се ставени пред животна дилема – дали да продолжат со бременоста, или не. Кој е вистинскиот избор? И дали воопшто постои избор кој е правилен и нема никого да повреди?
Додека се обидува да се справи со сите прашања на кои нема одговори, Луче го бара решението на интернет форуми, при што сфаќа дека не е единствена и сама.
Извадокот од книгата кој е даден на почетокот, ќе ви ја долови „Никој не знае за нас“ во вистинско светло. Тивка, меланхолична, раскажана со толку едноставни зборови, кои сепак носат тежина во себе. Секогаш кога ќе ја отворев, како да пропаѓав во светот на Луче – низ начинот на кој таа ја раскажува нејзината приказна, можев да го почувствувам секој збор, секоја емоција, да ја впијам секоја нејзина мисла. Ја следев чекор по чекор во болката низ која поминуваше, сочувствував со неа, и иако можеби некој ќе ја доживее како себична, јас можев да ја разберам.
Ова не е книга низ која ќе се движите брзо, прелетувајќи од настан во настан, низ случувањата од еден на друг лик. Баш напротив. Ова е книга во која темпото на одвивање на работите е мошне бавно, но на сметка на тоа, можете целосно да ги воспримите сите емоции со кои се соочуваат главните ликови, да дишете заедно со нив низ нивната загуба, да гледате како тоа им го менува бракот, нивните меѓусебни односи, нивната комуникација, за на крај да ги следите низ нивното тешко закрепнување, секој поминувајќи го тоа на свој начин.
Концептот на раскажување ми се допадна – приказната главно е раскажана од перспектива на Луче, а наизменично низ поглавјата се провлекуваат писма кои ѝ ги пишуваат читателите на нејзините колумни и пораките кои ги пишуваат мајките на форумот кои се соочуваат, или се соочиле со истиот проблем. Темата која ја обработува оваа книга е тешка и чувствителна – ќе ве допре, ќе ве натера да се ставите на местото на Луче, да размислите за тоа како би постапиле ако сте во нејзините чевли, ќе ве стави пред тешкото прашање за тоа што е морално, што е правилно, а што не.
„Овие денови беа различни, се нишав помеѓу бес и чувство на вина. Како е можно, се прашував, да посакувам толку многу некој, да го растам во себе, знаејќи дека кога ќе излезе на овој свет, темнината ќе го проголта.“
„Не мислев на тоа со таква леснотија, ниту никогаш не би го допуштила како воздишка. Но, сега дознав. И знам дека за кратко ќе научам да го барам, во ноќните светла, во дувањето на ветерот, во самотијата на спомените, во заоѓањата на жолтата пролетна боја.“
„Се прашувам, можеби грешам, до која мера еден професионалец како неа може да разбере прекината бременост. Мајчинството е невидливо сливо во женскиот универзум и не се доволни книги и прирачници за да се увидат нијансите, да се раскинат јазлите.“
„Неговите повици се како гребнатинки на кожата.“
„Тоа што бевме принудени да живееме под ист покрив, на толку блиско секојдневно растојание, нè прави сè подалечни, несоцијализирани. Вообичаено телевизијата ја надополнува нашата тишина, се лизга во празнините без да успее да ги смири.“
„Понекогаш ми се чини незамисливо да го замислам времето кога сме делеле исто тело. Но, ако не беше така, сега немаше да го имаме овој ластик, ова папочно јаже што со години нè поврзува како синџир. Имаше моменти во кои не се чинеше сè отсечено. Лошо беше кога беше оптегнат.“
„Со плач застанат во грлото, се обидувам да заспијам. Во меѓувреме, во мозокот зема форма првата реална понуда. По толку месеци инертност, утре ќе му се јавам на Нери и ќе ја прифатам неговата понуда. Ако сакам да го оставам единствениот човек што го љубам сè додека верувам дека може да одлета и да ме остави сама во оваа празнина што ме чека, имам апсолутна потреба за падобран.“
„Сега знам што сакам. Сакам да пешачам заедно со него, рака за рака, сè додека имам сила во нозете и воздух во белите дробови. Можеби тој напред, а јас одзади, како што прават животните кога се редат зад водачот на стадото, слоновите, камилите, пингвините. Во караванот сите ја знаат крајната цел на патувањето, а пак се редат во ред. За да не се чувствуваат сами, можеби.“