Водење евиденција на прочитани книги
Освен тоа што ги следам читателските групи на фејсбук и сите дискусии кои се одвиваат таму, редовно поставувам прашања поврзани со книгите на мојот инстаграм профил, од кои дознавам нешто повеќе за вашите читателски навики, мислења, вкусови и слично 🙂
Вчера поставив прашање за тоа дали водите евиденција на прочитани книги, и иако преовладуваа оние кои одговорија со „да“, забележителна бројка одговорија дека не ги запишуваат книгите кои ги прочитале, па ова ме инспирираше да напишам нова статија на блогов 🙂
Не се сеќавам како дознав за Goodreads и кога точно се зачленив, но беше одамна, а сега скоро и да нема ден да не се вклучам на апликацијата и да разгледувам нови книги. Секогаш кога размислувам дали да купам некоја нова книга, го барам нејзиниот оригинален наслов на Goodreads и се впуштам во анализирање на оценките и коментарите, за да можам барем да насетам дали би ми се допаднала. Не ретко коментарите освен со оценка се проследени и со елементи од книгата (секако, без спојлери) па сето тоа ми помага да се одлучам дали една книга да ја ставам на мојата to-read листа. Со оглед на тоа кои жанрови сакам да ги читам, самиот сајт ми нуди препораки на книги кои би ми се допаднале, па често знам да залутам низ бескрајните листи на наслови од кои сакам СИТЕ да ги прочитам 😀
Покрај листата на такви книги, водам и листа на веќе прочитани книги кои секогаш ги оценувам со ѕвездички во зависност од тоа колку ми се допаднале. Жал ми е што ги немам евидентирано сите прочитани книги, но кога го отворив мојот Goodreads профил, се потрудив да внесам барем поголем дел од прочитаните наслови на кои успеав да се сетам.
Ако не водите евиденција на прочитани книги, почнете од денес. Зошто?
Некои читатели сакаат да прават такви листи, за да знаат колку вкупно книги прочитале досега, или на годишно ниво. Ако пак сте се приклучиле кон некаков читателски предизвик, ваквата листа е добра за да знаете до каде сте со исполнување на предизвикот. Покрај ова, нешто кое мене најмногу ми се допаѓа кај евидентирањето на прочитани наслови е фактот што често се случува да заборавам на некои прочитани книги, кои по извесно време ми се избришале од меморијата. На блогов веќе пишував за книгите за кои сум заборавила дека некогаш сум ги прочитала и верувам дека тоа и во иднина ќе продолжи да се случува. Едноставно, некои книги побрзо испаруваат од мојата меморија, иако можеби во моментот кога сум ги читала ми се допаднале и сум ги оценила со дури 4 ѕвездички. Има книги кои брзо се читаат и уште побрзо се забораваат.
Е, тука на помош доаѓа листата на прочитани книги 🙂 Да не беше Goodreads, со сигурност можам да кажам дека порано или подоцна, ќе дојдеше момент кога ќе седнев да читам некоја книга по втор пат, за на крајот да откријам дека веќе сум ја прочитала 😀 Исто така, водењето евиденција на овој сајт ми помага во детектирање на наслови кои ги имам прочитано на англиски, а се преведени од некоја наша издавачка куќа. Кога ќе се изгубиме во преводот, лесно можам да се залетам по некоја книга на македонски која всушност ја имам прочитано на англиски, но под друг наслов. За среќа, во секое издание на македонски, стои оригиналниот наслов, па не морам при рака да ја имам листата на прочитани книги ако веднаш препознаам за која книга се работи. Ова е дополнително конфузно доколку некоја книга е преведена на македонски под еден наслов, а по извесно време авторските права ги презема друга издавачка куќа која ја преведува книгата под друг наслов. Да, има и такви случаи. Па така, завршувате со уште една книга во домашната библиотека, за која доцна сфаќате дека веќе ја имате прочитано.
Goodreads исто така може да ви помогне во детектирање на книги кои се делови од серијали. Особено поради тоа што некогаш кај нас се преведуваат само одредени книги од некој серијал, некогаш и без соодветниот редослед, за на крајот да откриете дека има цела серија на книги кои го следат истиот лик, истата приказна или на некој друг начин се поврзани.
Покрај овој сајт, има многу мобилни апликации кои можете да ги користите за евидентирање на прочитаните книги, или едноставно, можете да ја примените old school варијантата и да ги запишувате во тетратка 🙂 Доколку преферирате таков начин на забележување, можете да се снабдите со дневник за прочитани книги, каде покрај насловите, ќе можете да ги запишете и вашите омилени цитати од книгата и да им се навраќате кога и да посакате.
Без разлика дали ќе се одлучите за евидентирање со еден единствен клик, или пак ќе отворите дневник, мојот совет е да почнете да ги забележувате прочитаните книги уште сега 🙂