„Мојата генијална другарка“ – Елена Феранте
Првиот дел од серијалот Неаполски романи, Феранте го започнува раскажувајќи низ очите на шеесетгодишната Елена која, соочена со мистериозното исчезнување на својата другарка Лила, решава да го овековечи секој детаљ од нивното заедничко минато. Враќајќи се назад во нивното детство, Елена раскажува за растењето во сиромашното неаполско маало во 50-тите, на суровите улици и во школските клупи, каде таа и нејзината најдобра другарка Лила учат да се потпираат една на друга пред сите детски стравови и предизвици. Иако патиштата непрестајно им се вкрстуваат и раскрстуваат, овие две дијаметрално спротивни жени, сепак остануваат најверни другарки чии судбини се огледуваат една во друга и се прекршуваат.
Од каде да почнам со коментирање на книгава… Ајде ќе почнам од очекувањата. „Мојата генијална другарка“ е книга која често ја среќавав во препораките на Goodreads, читав само позитивни коментари за неа, а неодамна дознав дека се снима и серија базирана на книгата која се прикажува на HBO. Си реков да ѝ дадам шанса и имав високи очекувања кога почнав да ја слушам аудио верзијата, со замисла дека ќе се впуштам во одличен роман кој веројатно ќе го завршам за 2 дена. Реалноста беше дека ми требаа точно 2 недели за да стигнам до последното поглавје на оваа книга.
Од самиот почеток имав проблем да навлезам во приказната и да се поврзам со ликовите на Елена и Лила. Не можам точно да посочам која беше причината, но читањето односно слушањето воопшто не ми одеше глатко, туку како постојано да запнував на некои камчиња. Не би можела да кажам дека тоа се должеше на бавното дејство, затоа што реално настаните се движеа по некој нормален тек, но имаше нешто во самиот начин на раскажување што не ми годеше. Вниманието лесно ми бегаше на друга страна, се исклучував од книгата, па потоа се обидував да ги пополнам „дупките“ со претпоставки врз основа на она што се случуваше понатаму. Има книги во кои лесно го впивам раскажувањето, можам и јас сама да се слеам во приказната, да се движам заедно со ликовите, но оваа книга не беше таква.
Не се сеќавам точно во кој дел, но интересот постепено почна да ми се зголемува, што е единствената причина поради која не ја оставив книгава недочитана. Некако настаните ми станаа поинтересни, со внимание почнав да ги следам сите згоди и незгоди на децата од неаполското маало, па слушањето ми одеше полесно, сето тоа придружено со убави цитати кои се провлекуваа низ приказната. Таман помислив дека сепак може нешто да извлечам од книгава – дојдов до крај пресечен како со секира. Дури си помислив дека нешто не е во ред со аудио верзијата која ја слушав, дека не е целосна, затоа што некако прекина неприродно, на сред раскажување. Откако поубаво истражив, сфатив дека приказната продолжува во вториот дел, но сепак мислам дека крајот можеше малку поубаво да биде скоцкан, а сепак да остави простор за второто продолжение.
Се обидов, навистина се обидов да ѝ дадам шанса и сакав да ми се допадне, ама сепак застанувам тука со Неаполските романи.