Книгата со која го запознав Николас Спаркс
Пред да започнам со кратка содржина на книгата, како што вообичаено правам, прво ќе раскажам за тоа како оваа книга заврши во мои раце и какви ми беа очекувањата, а потоа и импресиите. Ја добив како подарок пред неколку месеци и е единствената книга од Николас Спаркс која ја поседувам, воедно и првата негова книга која сум ја прочитала. Спаркс на сите добро ни е познат – ако не сте ги читале неговите книги, тогаш сигурно сте гледале, или барем сте слушнале за филмовите направени по неговите книги, а такви ги има повеќе. Планетарно е познат, се изненадив кога прочитав податок колку милиони копии од неговите книги има досега продадено, па иако сум ги гледала филмовите, досега немав прочитано ниту една негова книга. Пред некое време размислував за тоа кој следен филм да го гледам, а меѓу понудените го најдов Safe Haven, сниман по приказната во истоимената книга, или на македонски преведена како „Прибежиште“. Од некоја причина филмот не го догледав, сега веќе не можам ни да се сетам зошто, можеби не ми се допаднал многу, можеби сум изгубила интерес или едноставно не сум била во такво расположение во моментот. Како и да е, сега ми е мило што не го догледав, затоа што немаше да уживам толку во книгата ако знаев што ќе се случи. Кога почнав да ја читам „Прибежиште“, не бев свесна дека се работи за истата приказна – нешто кое го заклучив после неколку поглавја, кога сфатив дека нешто ми е познато 🙂 Од тој момент, за главниот лик Алекс ми се врза ликот на Џош Духамел, па цело време го замислував така 🙂
Книгата раскажува за една мистериозна млада жена по име Кејти која се преселува во малото гратче Саутпорт во Северна Каролина. Нејзиното доаѓање покренува прашања во врска со нејзиното минато. Кејти, иако избегнува формирање лични врски, серија настани ја поврзуваат со Алекс, љубезен вдовец, татко на две малолетни деца и сопственик на продавница и со нејзината сосетка Џо – жена без влакна на јазикот. И покрај резервираноста, Кејти полека почнува да го спушта гардот и се поврзува со Алекс и неговото семејство. Но, дури и кога почнува да се вљубува, таа се бори со мрачната тајна која сè уште ја прогонува и плаши… минатото што ја прогонува низ целата држава доведувајќи ја до нејзиното ново засолшните – оазата Саутпорт. Таа мора да избере помеѓу животот на привидна безбедност и оној кој е исполнет со ризици. Кејти сепак сфаќа дека и во најмрачниот час, љубовта е единствено вистинско прибежиште.
Ако се земат предвид моите очекувања, кои искрено кажано ми беа ниски поради она што го спомнав погоре, книгава навистина пријатно ме изненади. Никогаш не сум ни мислела дека приказните на Спаркс се лоши, само што, некако сметав дека ги имам „надраснато“ и дека филмовите се нешто кое би го гледала пред 10 години да речеме. Сепак, приказната во оваа книга воопшто не ми се виде како таква и многу ми се допадна. Ликовите беа допадливи, убаво изградени, можев многу лесно да се ставам во нивна кожа и да ги разберам нивните постапки. Воопшто не се ни трудев да ги предвидам настаните, само гладно ги голтав зборовите, сакајќи да дојдам до крајот, да видам што ќе се случи. Ме изненади, ми ја стопли душата, на моменти ме наежи.
Додека го впивав секој збор од секоја страница, си помислив на тоа колку е всушност лесно да направи човек филм по книгите на Николас Спаркс, барем по оваа, бидејќи толку добро ги опишува сцените, што мене ми се одвиваше цел филм во глава додека ја читав. Ама буквално. Многу ми се допадна неговиот начин на раскажување, чувствував како лесно да танцувавме низ приказната, дури и низ мрачните сцени. Од мене доби 4 ѕвездички.
Што се однесува до македонското изнание, ќе упатам мала критика кон Просветно дело – преводот и не ми пречеше толку многу, иако можеше да биде и подобар, но за корицата и воопшто за целокупното издание дефинитивно требало повеќе да се потрудат. Ваква приказна заслужува повеќе, затоа што мене лично ваквото издание воопшто не би ме привлекло да ја земам книгата во раце, или пак да ја купам. Но, ете, мило ми е што ја добив на подарок 🙂