„Пакетот“ – Себастијан Фицек
Младата психијатарка Ема Штајн воопшто не излегува од дома од вечерта кога ја силуваат во хотелска соба. Таа е третата жртва на психопат кој новинарите го нарекуваат „фризерот“ затоа што им ги бричи главите на жените пред да ги убие. Ема, единствената која успева да му побегне, се плаши дека фризерот ќе се врати по неа за да ја доврши грозоморната мисија.
Во нејзината параноја, таа е убедена дека секој маж што го гледа е фризерот, иако реално воопшто не успеала да го види во хотелот. Ема се чувствува безбедно само во нејзината мала куќа во Берлин – или барем се чувствува до дента кога поштарот ја замолува да прими еден пакет во име на нејзиниот сосед кој не одговара на ѕвончето.
Маж чие име не ѝ е познато и кој таа никогаш не го сретнала, иако живее на истата улица со години… Кога пакетот влегува во нејзиниот дом, Ема станува попараноична од кога било претходно.
Морате да признаете дека кратката содржина во „пакет“ со корицата, изгледаат навистина примамливо 🙂 Барем за мене беше така, па без многу размислување ова беше една од книгите кои ги одбрав како подарок од мојот роденденски ваучер. Неколку месеци подоцна, во добро расположение за трилер, дојде на ред и „Пакетот“.
Од Себастијан Фицек претходно ја имам читано „Душокршачот“ која доволно ми се допадна за да посегнам и по друга негова книга, а на домашните полици ја имам и „Колекционер на очи“ која се надевам дека за брзо време ќе ја прочитам, па ќе можам да ги споредам. Но, еве доколку вака од старт направам компарација меѓу овие две, „Душокршачот“ ми се допадна за нијанса повеќе од оваа.
Колку што можам да забележам од дискусиите во читателските групи на фејсбук, Фицек е доста популарен меѓу македонските читатели и на многумина им се допаѓа премногу, но има и такви на кои не им лежи неговиот стил на пишување. Некоја таква поделеност има и меѓу коментарите на Goodreads – или е оценет со пет ѕвездички, или со една. Јас сепак спаѓам во некоја средина и го оценив со три ѕвездички. Малку побавно ми одеше читањето на оваа книга, невообичаено за трилери кои обично ги „голтам“ во големи залаци 🙂 Некои делови од раскажувањето ми се чинеа непотребни, па на моменти ми бегаше вниманието, но на некои напнати сцени скокав на збор на збор како по скалички, чекајќи да дојдам до главното. Мислам дека имаше многу пресврти, па имав чувство дека од преголема желба да ја направи што понепредвидлива, Фицек како малку да се изгубил и да претерал.
Додека ја читав кроев неколку можни сценарија, кои паралелно ги развивав и модифицирав во текот на приказната. Некои елементи од расплетот ги предвидов, некои не, а во неколку работи бев сигурна уште од самиот почеток, иако морам да признаам дека Фицек ме стави во сомнеж во текот на читањето 🙂
Ликовите не ми беа допадливи, некако не се поврзав со ликот на Ема, не знам од која причина. Мислам дека во тој дел книгава имаше поголем потенцијал, особено затоа што навлеговме во нејзината психа и шетавме низ нејзините мозочни виуги. Сепак, интересно ми беше тоа што Ема беше свесна за сè што ѝ се случуваше, како психијатар беше способна да ги детектира нејзините проблеми, да го лоцира коренот на истите, но не и да се справи со нив. Беше беспомошна во сето тоа, бидејќи како што впрочем и самиот Фицек раскажува во книгата:
„Проблемот со психолошките болести беше дека самодијагностицирањето беше невозможно. Обидот да се сфати својот мозок користејќи го својот мозок беше исто толку надежен колку и едноракиот хирург да се обиде да си ја зашие сопствената рака. Беше невозможно.“