„Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ – Елена Фавили и Франческа Кавало
Веројатно едно од моите први сеќавања во врска со книгите беа сликовниците кои ги раскажуваа познатите сказни за Снежана, Пепелашка, Трнорушка, Принцезата и зрното грашок и сите други приказни кои започнуваа со „Си беше еднаш некогаш…“ 🙂 Претпоставувам дека сигурно и вие сте израснале со ваквите бајки во кои секогаш девојката го чека својот херој – принцот на бел коњ.
Приказните за добра ноќ за бунтовни девојчиња не се книги кои ќе ви го раскажат тоа. Ова се книги кои ќе ги променат ваквите бајки, инспирирајќи ги девојчињата ширум светот да сонуваат, да целат високо и да го остварат она што го замислуваат. Преку вистински приказни за многу извондредни жени од сите краишта на светот, овие книги испраќаат јасна порака до секое девојче кое ќе ги прелиста нивните страници: Можеш да оствариш сè што ќе посакаш! Преку креативни илустрации, овие книги ги раскажуваат приказните за неверојатни жени од различни области – пејачки, актерки, научнички, кралици, правнички, спортистки, балерини, активистки… Доаѓајќи од сосема различни делови на светов, од различно време во историјата, израснати во различни животни прилики и неприлики, секоја од нив успеала во својата цел.
Пораката на една од авторките, Франческа Кавало, е дека „девојчињата заслужуваат да бидат окружени со повеќе жени кои ќе им бидат пример и да растат мислејќи дека можат да бидат сè што сакаат.“
Преведена на повеќе од 40 јазици и со продажба од милионски тираж, овие книги ја освоија читателската публика во преку 70 земји, меѓу кои и нашата.
Иако првенствено наменета за мали девојчиња, ова се книги кои јас би ги препорачала секому, без разлика на полот или возраста. Вообичаено, мојот ден започнува со кафе и три приказни за три неверојатни жени кои се прекрасна инспирација. И секој ден, дознавам барем за една жена за која никогаш претходно не сум слушнала, што ме поттикнува да истражувам малку повеќе за нејзиниот живот и она што го направила.
Овие книги беа поттик за неколку млади девојки да направат кампања за исклучителни жени од Македонија, под името ЖениМК. Годинава во месец март, на нивните профили на социјалните мрежи секојдневно објавуваа по една приказна за некоја исклучителна жена од Македонија која дала голем придонес во развојот на некоја област, а за која можеби многумина не знаат. Сите тие беа објавувани на три јазици и придружени со креативни илустрации кои мене многу ми се допаднаа 🙂
Се надевам дека еден ден во македонските книжарници ќе сретнам и една ваква книга со инспиративни жени од Македонија.