Lilac Girls – Martha Hall Kelly
Како член на високите кругови во Њујорк, младата Керолајн Феридеј има полни раце работа во францускиот конзулат, а и новата љубов на повидок. Но, светот на Керолајн засекогаш се менува во моментот кога војската на Хитлер ќе ја нападе Полска во септември 1939 година, а скоро потоа ќе се сврти и кон Франција.
На другата страна на океанот, безгрижната младост на полската тинејџерка Каша исчезнува со нападот на Полска, додека таа се обидува да се снајде во улогата на курир за потребите на тајното движење против Хитлер. Под будното око на нејзините љубопитни соседи, еден погрешен потег може да има сериозни последици.
За младата и амбициозна германска докторка Херта, огласот за вработување кој ѝ го нуди државата ѝ се чини како најдоброто нешто кое може да ѝ се случи. Но, таа наскоро сфаќа дека не е сè толку совршено како што изгледа, откако се наоѓа себеси во еден од германските кампови со Евреи, каде таа треба на дело да ја спроведе желбата на германските нацисти.
Животите на овие три жени полека се спојуваат, додека нивните приказни ги преминуваат континентите – од Њујорк до Париз, Германија и Полска – во обидот на Керолајн и Каша да ја истераат правдата до крај во име на оние што историјата ги оставила во заборав…
Навистина сакав да ми се допадне книгава – имаше нешто во самиот наслов, можеби изгледот на корицата или кратката содржина што ми навестуваше книга која ќе ми биде по вкус. Сакам историски драми, сакам и книги кои паралелно следат две или повеќе приказни кои потоа се спојуваат во една, ама ете, конкретно оваа не ми се допадна.
Жалам што сум меѓу малкуте читатели кои ја оцениле книгава со помалку ѕвездички, и покрај тоа што генерално коментарите и импресиите на Goodreads се навистина позитивни. Тоа беше дополнителна причина да верувам дека ова ќе биде книга која ќе ја сместам меѓу омилените за оваа година.
Од каде да почнам… Ќе излажам ако кажам дека „се мачев“ со книгава, дури мислам дека успеа да ми го задржи вниманието, во спротивно, верувам дека ќе ја оставев на пола пат. Како цело време да очекував некој пресврт, нешто што ќе ја оправда високата оценка, па веројатно тоа ме водеше низ книгата.
Ценам кога писателот ќе се потруди да истражи одредени настани кои потоа ги вметнува во книгата како вистинити, што овојпат тоа беше случај со два од трите главни ликови во кои се илустрирани вистински личности од историјата. Сепак, никако не можев да успеам да се поврзам со нив, да ги почувствувам за поблиски, да дозволам да ми сраснат за срцето. Дури ни Каша, чија судбина се чини дека најлесно може да побуди емпатија кај мене како читател. Сите ликови ми беа премногу површни и празни, како писателката да ни дозволила да ѕирнеме само во првиот слој на нивните карактери, без да нè однесе малку подлабоко, па да ни даде можност полесно да сочувствуваме со нив, или барем полесно да ги разбереме. На крајот, очекував нивните животни приказни да бидат малку подобро слеани една во друга, вака ми оставија чувство дека само вештачки се врзани во чвор.
Покрај ликовите, и самото раскажување ми беше суво, без живост и живописност, со премногу he said/she said изрази. Додека некои настани ги сметав за непотребни, или барем непотребно развлечени, од друга страна имав некои „дупки“ во приказната и посакував писателката да се задржела повеќе на одредени делови и да им посветела поголемо внимание.
Мислам дека приказната имала навистина голем потенцијал, впрочем и затоа ја одбрав – затоа што препознав во неа книга што ветува. Дури се прашував дали сум подготвена за уште една приказна што раскажува за Втората Светска војна, бидејќи таквите секогаш ме оставаат со гнедла во грлото. Сепак, овојпат ме заобиколија тие чувства.
Книгава беше најавена како полн погодок за љубителите на The Nightingale („Славејот“ од Кристин Хана) и Sarah’s Key – и двете ги имам читано и одбивам да ги ставам во ист кош со Lilac Girls. А ако генерално зборуваме за книги кои допираат настани од Втората Светска војна, тогаш можам слободно да кажам дека оваа за мене не беше ни одблиску толку добра како „Раскажувачката“.