The Perfect Couple – Elin Hilderbrand
Во прекрасниот Нентакет на повидок е венчавка на годината, на која под летното сонце своите завети ќе си ги кажат Селест и Бенџи. Богатите родители на младоженецот не се штедат околу подготовките, па сè изгледа совршено и како од бајките.
Сепак, на денот на венчавката, Мерит која е најдобрата пријателка на Селест и нејзина старосватица, ја наоѓаат мртва во водите на океанот. Никој не знае што се случило – дали е можеби убиена, или само се работи за несреќен случај? Откако полицијата ќе пристигне на местото на злосторот и ќе започне да ги испрашува сите присутни гости, се одмотува клопче од тајни и лаги, па се чини дека секој од нив имал нешто што го криел од другите.
Мислам дека најлесно можам да ја опишам книгава ако ви речам да си ја замислите како една епизода од ЦСИ сериите. Буквално такви сцени ми се одвиваа во глава додека ја читав, движејќи се од еден лик на друг, преку нивно испрашување, навраќање во минатото и откривање на тајните врски кои ги имале меѓусебе, за на крајот конечно да дојдеме до вистината и она што се случило.
Елин Хилдербренд ја имам читано и претходно, но во малку полежени изданија, па кога ја одбрав оваа книга не ја ни прочитав кратката содржина и воопшто немав претстава за што се работи. Судејќи по корицата и насловот, некако имав сосема друга замисла, па во тој дел ме изненади.
Ја оценив со тројка, иако на моменти бев убедена дека од мене ќе добие две ѕвездички, од причина што тоа постојано скокање од еден на друг лик мене ми беше многу збунувачки и не ми остави простор да се фокусирам на ниту еден од нив поединечно. Сите тие случувања и раскажувања на настаните беа на сметка на ликовите, па имав чувство дека ниту еден лик не е убаво дооформен, ниту еден од нив не го запознав во целост, бидејќи до последен момент беа нафрлани некои работи. Покрај тоа, имав проблем да запамтам кој лик каков куфер носи со себе, затоа што сите имаа тајни од минатото, па на моменти ми требаше време да се сетам кој имаше љубовница, чија љубовница беше бремена, кој имаше геј врска надвор од бракот, кој беше заљубен во жената на најдобриот пријател… На моменти сè ми делуваше многу хаотично. Оттука, изгледа насловот The Perfect Couple е целосно промашен, затоа што во книгава не се зборува само за парот што ќе се венча, туку и за сите најблиски гости 🙂 Фокусот не беше даден на никој од ликовите, туку за сите паралелно се раскажуваше.
Зачудувачки книгава има навистина многу високи оценки на Goodreads, а ете, и јас решив да бидам новогодишно дарежлива со моите три ѕвездички, но мислам дека завршив со книгите на Елин.