Книги со зимски приказни кои би биле одличен новогодишен подарок
Пред нас е најубавиот период од годината 🙂 Сè е накитено и украсено, а пред нас се новогодишните и божиќните празници кои за мене значат убаво време поминато со семејството, вкусна храна, многу смеа и секако – многу подароци. Со оглед на тоа дека обожавам да подарувам книги, ни годинава не помина без да подарам барем една. Доколку сè уште немате купено подарок за некој љубител на книги кој го имате во животот, а сакате да му подарите наслов кој ќе асоцира на зима, во прилог повеќе книги кои ги одбрав за вас, а се од различен жанр.
Да почнеме со едно од најновите изданија на Сакам книги:
Една страшна зима – Лиса Клејпас
Очајна да побегне од нејзините злобни и расипани роднини, Еванџелин Џенер бара помош од најзлогласниот ерген во Лондон. И договорениот брак помеѓу нив е единствено решение, иако никој не би ја споил срамежливата девојка која пелтечи кога зборува со згодниот виконт кој е легендарно популарен помеѓу жените. Но набрзо станува јасно дека Иви е жена со скриена сила во себе… и иако делува покорно и кротко, Себастијан од некоја причина ја посакува повеќе од која било друга жена што ја запознал.
Решена да го освои ладното срце на својот сопруг, Иви се осмелува да склучи зделка со ѓаволот: Ако Себастијан успее да остане целибат три месеци, таа ќе му дозволи да ја одведе в кревет.
Кога на Иви ѝ се заканува одмаздољубив непријател од минатото, Себастијан се заколнува дека ќе направи сè што треба за да ја заштити својата сопруга… па макар и по цена на сопствениот живот.
Секако дека тука неизбежен е овој наслов на Џио кој е многу популарен меѓу македонските читатели (а јас сè уште ја немам прочитано 😀 ):
Зима со мирис на капини – Сара Џио
Сиетл, 1933
Самохраната мајка Вера Реј го бакнува своето тригодишно синче, Даниел, и оставајќи го дома сам затоа што нема никаков друг избор, со тешко срце заминува на работа во локален хотел каде што работи како собарка. Кога излегува од работа следното утро, гледа дека градот го покрил голем снег, иако е месец мај. Кога стигнува дома открива дека нејзиниот син исчезнал во текот на ноќта. Надвор, го наоѓа неговото сакано мече фрлено на подмрзнатата улица, а снегот веќе ги има скриено неговите стапки, како и на личноста што го зела.
Сиетл, 2010
Новинарката Клер Олдриџ добива задача да пишува за снежната бура, чуден феномен во мај кој се случил и пред осумдесет години и така дознава за нерешениот случај со киднапирање дете, па си се заколнува дека ќе ја открие вистината. Во процесот дознава дека таа и Вера може да се поврзани на неочекуван начин…
Една од последните книги кои ги купив на попустот во книжарницата Сакам книги:
Ленинградска зима – Кристин Хана
Мередит и Нина Витсон се толку различни што не личат на сестри. Едната останува дома, се мажи со својата прва љубов, раѓа деца и го води семејниот бизнис. Другата ги следи своите соништа и патува низ светот како познат фоторепортер. Но кога нивниот сакан татко се разболува, Мередит и Нина повторно се спојуваат со нивната неописливо ладна мајка, Ања, која дури и во овој најтрагичен момент не им нуди утеха на своите ќерки.
Како деца, единственото нешто што ги поврзувало со неа била руската бајка што Ања понекогаш им ја раскажувала на девојчињата ноќе. Сега, татко им на смртна постела, бара трите жени да му дадат едно заедничко ветување – бајката да биде раскажана и ислушана за последен пат, но овој пат од почеток до крај. Па така почнува необичното патување низ вистината за животот на Ања во војна – во Ленинград, пред пет декади. Приказната на мајка им е толку потресна, срцепарателна и страшна што ќе ги протресе основите на нивното семејство и целосно ќе ги промени сите.
Доколку пак сакате да подарите пакетче од книги, можете да го одберете следниот пакет:
Снеговите на љубовта – Нермин Безмен
Прва книга (Сеит и Мурка)
На бродот за Париз, заедно со Шура замина и минатото на Курт Сеит, сите соништа што никогаш нема да се остварат и татковината во која веќе не ќе може да се врати, фамилијата и пријателите што веќе никогаш нема да ги види. Иако и натаму го следат спомените на бурната љубов, Сеит запловува во брачните води со младата Мурка и сега за таа детинеста, срамежлива, ама и љубоморна жена го поврзуваат длабоки чувства. Сепак, нивниот однос е преполн со издигања и падови, затоа што погледите на животот доста им се разликуваат. Сеит копнееше за Америка, а Мурка пак не сака да се оддели од семејството, а тука се и ноќите што Сеит поради природата на својата работа ги поминува надвор од куќата и сенката на Шура што од време на време се појавува над нив.
Втора книга (Сеит и Мурка)
Од време на време Сеит повторно води боемски живот. Се забавува со убави жени, пие вотка. Отвора луксузни ресторани со музика и танчарки во Пера – срцето на Истанбул, како и во летувалишта на островите и бреговите на Мраморно Море. Читателот ќе дознае за што разговарал таму со турскиот претседател и војсководец Ататурк, додека на подиумот деца, врвни танчари, изведуваат казашки танци…
Таму ги доживуваат најубавите љубовни мигови со Мурка.
Деновите на удобниот живот и раскошните забави се далеку. Со Мурка и со ќерките се борат со немаштија, болести… Во родната Алушта на Крим, болшевиците го убиваат татко му Мирза Еминов и ја искоренуваат целата негова фамилија.
Светот влезе во Втората светска војна…
Со Мурка доживуваат и други семејни трагедии, кога умира нејзината најмлада сестра, а ќерката Леман, миленичка на Сеит, (мајка на авторката Нермин Безмен) има несреќен брак. Нејзиниот маж ја изневерува на најподмолен начин…
Сеит е разочаран, предвреме остарен и му се враќаат спомените за првата љубов Шура…
Снеговите на љубовта (Сеит и Шура)
Една снежна ноќ, додека во блескавата Москва одекнуваат нотите на Чајковски, младиот царски офицер Сеит на бал ја запознава занесната благородничка Шура. Волшебниот миг во кој погледите им се сретнуваат засекогаш ќе ја смени нивната судбина. Потполно маѓепсани еден од друг, двајцата млади знаат дека за нив никогаш не може да постои никој друг, без разлика на сѐ што ги разделува.
Од живописната Јалта на крајот на XIX век, до волшебната раскошна Москва и Цариград, оваа трогателна приказна ги следи Сеит и Шура, што во опасниот виор на историски превирања се борат само за едно – правото на своја љубов.
Првата светска војна, руската револуција, страдање, пекол… Сепак, нивните срца ќе сторат сè, за да останат посилни од татнежите на топовите.
Една многу топла приказна која мене премногу ми се допадна, а за која можете да прочитате рецензија на мојов блог:
Снежното дете – Ејовин Ајви
По напуштањето на своето родно место и по смртта на нивното дете, Џек и Мејбел се населуваат во дивата Алјаска, со цел да создадат нов дом и да започнат од почеток со своите животи. Но, и таму не е сè како што си замислувале. Таму владеат поинакви сурови закони на природата, а секој нов ден е нова борба за опстанок. Мејбел сè уште е обземена од тагата за бебето што го загубила пред многу години, а Џек ги исполнува деновите со тешка, еднолична работа. Нивната голема љубов им помага да преживеат, а во една игра, радувајќи му се на првиот снег, нивниот снешко добива облик на снежно дете.
Наредното утро, од снежното дете остануваат само траги од мали стапала кои водат кон шумата. Во наредните недели, Џек и Мејбел ќе почнат да забележуваат девојче со сини очи и руса коса кое ги носи шалот и ракавиците кои му припаѓале на нивното снежно дете. По извесно време, тие успеваат да ја добијат нејзината доверба, а таа доаѓа во нивната колиба и им кажува дека се вика Фаина.
Доколку сте расположение за интересна божиќна приказна:
Божиќна мистерија – Јустејн Гордер
Едно момче наоѓа избледено, рачно изработено божиќно календарче во една книжарница. Од него паѓа превиткан лист на кој е напишан првиот дел од необичната приказна за малото девојче што патува назад во времето до Витлеем и раѓањето на Христос. Во меѓувреме, испреплетената приказна за сегашноста излегува на виделина, и момчето дознава за чудниот човек што го направил календарчето и за девојчето што исчезнало на Бадник пред четириесет години…
Иако не се работи за зимска приказна, убав подарок би била и оваа книга
Снегулки – Калија Пападаки
Дејството на романот се одвива во кризните 80-ти години, во Камден, Њу Џерси, во заедница на емигранти кои не успеале да го остварат американскиот сон. Додека адолесцентите и возрасните се справуваат со тешките животни моменти, истовремено се развиваат сеќавањата за претходната генерација Грци и други американски имигранти. Приказната ја следи тинејџерката Мини: кога исчезнува нејзиниот проблематичен брат, мајка им, по потекло од Порторико, умира од тага. Семејството Кампанис одлучува да ја прими Мини: мајката Сузан, поранешен хипик, таткото Басил, претставник на втората генерација американски Грци, и Лето, соученичката на Мини и единствената ќерка на Сузан и Базил. Доаѓањето на Мини повторно ги разоткрива старите семејни лузни.
Оригиналниот наслов Дентрити е термин кој се користи да се опише формата на снегулката, зашто токму како снегулки, Мини и Басил, Лето и Сузан, и другите ликови во книгата, се уникатни и прекрасни додека летаат низ воздухот и се топат. Во апстрактна смисла, „дентрит“ означува и сеќавање: семејните стебла и трагите што го оставаат за идните генерации.
Зимските ноќи се одлични за убавите приказни на Миранда Дикинсон чии живописни корици секогаш асоцираат на зима 🙂
Бајка во Њујорк – Миранда Дикинсон
Дали во Менхетен има приказни во кои „сите си живееја среќно до крајот на животот“?
Си беше еднаш една девојка од Англија која замина во Њујорк да ја живее нејзината бајка…
Животот на цвеќарката Рози Данкан не може да биде подобар, таа има успешен бизнис во Њујорк и има фантастични пријатели. Заминувањето во Њујорк беше нејзи ната најдобра одлука до сега. Иако тоа беше совршено бегство поради нејзиното скршено срце…
Но, тогаш… пријателството со згодниот Нејт ќе се смени откако во Њујорк ќе пристигне братот на Рози кој со себе носи една голема тајна.
Кога Рози ќе се соочи лице в лице со своето минато, ќе почне да се разјаснува мистериозната причина поради која таа дојде во Њујорк. Рози ќе мора да се соочи со прашањата кои се обидуваше да ги игнорира, вклучувајќи го и она зошто таа никогаш не го најде својот среќен крај?
Светкава, романтична приказна за една девојка од Англија, која ќе се најде во градот во кој желбите стануваат реалност… или барем таа мисли така…
Сè започна со бакнеж – Миранда Дикинсон
Што сè би направиле за да ја пронајдете љубовта на својот живот? Колку далеку би можеле да отидете за да го пронајдете човекот од вашите соништа?
Роми Паркер е жена кога се упатува токму на таква мисија. Во последната сабота пред Божиќ, роми има ненадајна, кратка средба со прекрасен странец, кој можеби е човекот од нејзините фантазии.
Дали Роми ќе го најде човекот од нејзините соништа? Дали вистинската љубов може да биде поблиску отколку што очекувате?
Одлична приказна на којашто ќе сакате да се навратите секоја есен и зима – совршено за љубителите на Џил Мансел и Софи Кинсела.
Кога се заљубив – Миранда Дикинсон
Бајка која почнува со бакнеж во Њујорк. Но, што се случува кога бајката засекогаш исчезнува? Приказна за Елси Мејнард и нејзиниот сосема нов живот за кој никогаш не сонувала дека ќе го има.
Од формирање на хор што не наликува на ниту еден друг, во кој членува поранешната рок ѕвезда на 80-тите, Вуди Џенсен, па до сè поголемото опирање повторно да се состанува со некого, Елси влегува во една непозната иднина која може да го вклучи неодоливиот дизајнер Оли Хогарт, човек кој е подготвен да го освои нејзиното срце. Елси верува дека го прави најдоброто во нејзиниот живот и покрај престојните проблеми, предизвици и повремените фрустрации, преточени во едно име Торин Стујарт што изгледа дека е секаде.
Но тогаш, срцепарателно барање ја води во Париз последната точка на најважната животна листа што ја остава зад себе нејзиниот сопруг.
Ќе може ли Елси да го направи последниот чекор и да го остави нејзиното минато зад себе? Придружете се во борбата на Елси да започне одново, придружете се на нејзиниот татко, новоформираната група и сестра во изнаоѓање на нова љубов во нејзиниот живот, и бидете дел од најромантичното запросување во Градот на светлината.
Доколку сте расположени за нешто поинакво и нетипично, книги во продолжение:
Париз за еден и други приказни – Џоџо Мојес
Ова е неодолива романтична колекција на раскази исполнета со хумор и напишана од срце.
Нел има дваесет и шест години и никогаш не била во Париз. Таа никогаш не била на романтичен викенд некаде далеку. Таа, всушност, и не сака многу да патува. Но, кога момчето на Нел нема да дојде на нивниот мини-одмор, таа ќе има можност да им докаже на сите, дури и на сама себе, дека не се во право.
Сама во Париз, Нел ќе открие дел од себе за кој никогаш не знаела дека постои – таа е независна и смела.
Уште една комбинација од приказни, овојпат три празнични романси:
Нека снежи – Џон Грин, Морин Џонсон, Лорин Миракл
Божиќ е и Грејстаун е затрупан со снег. Но, времето е повеќе отколку само мала незгода. Кога една девојка неочекувано ќе слезе од еден завеан воз, таа предизвикува цела низа настани што засекогаш ќе променат неколку животи.
Наскоро – четиринаесет загреани мажоретки ќе го преплават локалниот „Вафл Хаус“, филмската вечер на Дјук ќе биде грубо прекината заради една Твистер-мисија, а една вљубена шанкерка ќе одлучи за судбината на едно прасенце…
На крстопатот на трите приказни, првпат ќе се сретнат неколку туѓинци. И во центарот на снежниот Грејстаун – ќе расцути романсата! Исто како и во вашето топло, празнично срце.
Снег за двајца – Лилјана Дирјан
Експериментална проза со суптилни елементи на поезија, есеизација и романескна тенденција. Напишана е во форма на дневник меѓу два лика што некогаш биле во љубовна релација.
Снегот, неговата непостојаност, постојана преобразба. Двата лика, Отсутниот и Присутната, ја читаат Марина Цветаева. Дирјан интегрира цитати, делови од писмо на Марина Цветаева напишано до поетот Евгениј Лозман, зимата 1920 година. Секако, покрај Цветаева, Дирјан комуницира и со многу други врвни писатели како Кафка, Бродски, Песоа, Сабато, Бекет, Бела Хамваш, Даша Дрндиќ… Никогаш директно не го открива изворот, туку му препушта на читателот да се движи по оставените траги.
Ако сепак се одлучите за трилер, во прилог неколку добри наслови:
Снешко – Ју Несбе
Ноември е, Осло е завеан од првиот снег. По враќањето од работа, Бирта Бекер го пофалува снешкото што го направиле син ѝ и маж ѝ во дворот. Но не го направиле тие… Синот сфаќа дека, наместо да гледа кон улицата, снешкото е свртен кон куќата. Црните очи гледаат право низ прозорецот. Во нив.
Вишиот инспектор Хари Хуле добива анонимно писмо. Потпишано со „Снешко“. Подоцна, меѓу застарените случаи на исчезнати лица, Хари открива редица вознемирувачки сличности. Исчезнуваат мажени жени со деца токму во денот на првиот снег… Истата ноќ, Силвија Отерсен се пробива низ првиот снег во шумата во близина на Осло. Знае дека животот ѝ зависи од тоа дали ќе избега, но не знае што ја гони. За среќа, не знае ни што ја чека на патот…
Мраз студено – Тес Геритсен
Бостонската истражителка Мора Ајлс заминува во Вајоминг на медицинска конференција, каде среќава група пријатели и решава со нив да тргне на скијачки излет. Меѓутоа, комбето ќе им се заглави на завеан планински пат, а нема да има никаква помош.
Наближува ноќта, а виулицата станува посилна, па друштвото наоѓа засолниште во зафрленото село Небесното Кралство, со дванаесет сенишно идентични куќи, мрачни и напуштени. Во Небесното Кралство се случило нешто страшно: недовршено јадење стои во чиниите, а автомобилите стојат паркирани во гаражите. Жителите на селото како в земи да пропаднале, но трагите во снегот покажуваат дека некој и понатаму демне во студената темнина – некој кој ги набљудува Мора и нејзините пријатели.
Неколку дена подоцна, на детективката од одделението за убиства на Бостонската полиција, Џејн Риколи, ѝ стигнува вест дека е најдено јагленосано тело во планинската клисура, телото на Мора. Шокирана и ужалена, Џејн е решена да открие што точно се случило со нејзината пријателка. Истрагата ја води во заплетканото минатото на Небесното Кралство, каде што под снегот, ја чека страшна тајна. Додека се нижат морничави откритија, Џејн се приближува до моќниот и немилосрден противник, а се приближува и до морничавата вистина за судбината на Мора.
Доколку сакате некоја крими мистерија:
Совети за преживување – Рене Шафрански
Дента кога дознава дека нејзиниот маж, славниот уметник Хју Вокер забременил друга жена, Нора се заколнува: Има да се вратам во живот, колку време и да ми треба!…
Потребни ѝ се три години. Со помош на најверната пријателка бега од Њујорк во тивкиот Пикод, каде што ја води колумната Совети за преживување во локалниот весник и внимателно му ја подотвора вратата на нов маж во својот живот. Но кога Хју со своето совршено семејство се доселува во истиот град, цврстината ѝ се поткопува. Повторно љубомора, понижување, гнев… а потоа шокот дека брачната двојка е убиена во својот дом. Нора не може да даде цврсто алиби за ноќта на убиствата. Сеќавањата ѝ се мрачни колку и фантазиите за одмазда. Додека обрачот околу неа се стега, таа мора да се соочи со една своја темна страна и да докаже дека не е единствената со мотив за убиство…
Смила го чувствува снегот – Петер Хег
Смила Јесперсен, половина Данка, половина Гренланѓанка, се обидува да ја растајни чудната смрт на едно момченце што паѓа од врвот на зградата во која таа живее. Полицијата веднаш објавува дека е несреќен случај. Но Смила знае дека нејзиниот сосед не паднал сам од покривот. Детството поминато на Гренланд ѝ дава можност поинаку да гледа на снегот и, кога ќе сфати дека стапалките на детето покажуваат дека тоа трчало по снегот пред да умре, одлучува да открие кој го бркал. Како што се обидува да ја реши мистеријата така открива редица заговори и прикривања на вистината и сфаќа дека не може никому да верува. Истрагата ја води од улиците на Копенхаген до замрзнатиот Гренланд.
Од трилогијата Снежана:
Бела како снег – Сала Симука
Седумнаесетгодишната Лумики Андерсон се најде на улиците во Прага, во потрага по долго посакуваниот мир далеку од љубопитните очи, семејните тајни и од суровиот господар на подземјето. Меѓутоа, брзо по доаѓањето, ја запознава младата и преплашената девојка Ленка, која тврди дека е нејзина одамна изгубена сестра. Лумики ќе се вплетка во неверојатна и несфатлива игра на медиумските манипулации и на верскиот култ Бела фамилија, кој е поопасен отколку што некогаш можеше да замисли.
И додека полека ја открива вистината, животот на Лумики повторно ќе се најде во смртна опасност и овој пат сфаќа дека мора да побара помош за да побегне од прогонителите, да го спаси својот и животот на Ленка и да ги разоткрие грозоморните тајни што ги крие добро организираната верска секта…