Evvie Drake Starts Over – Linda Holmes
Во еден мал град во Мејн, Еви Дрејк која од неодамна е вдовица, ретко ја напушта својата куќа. Сите во градот, вклучувајќи го и нејзиниот најдобар пријател Енди, мислат дека тоа е поради тагата по нејзиниот сопруг, а таа не се обидува да им ја каже вистината.
Во Њујорк, Дин Тени кој е поранешен спортист и многу познат во светот на бејзболот, поминува низ тешка фаза во животот бидејќи доаѓа до точка кога веќе не е толку добар во она што го прави. Неможејќи да сфати зошто, чувствува потреба од одмор, а кога неговиот пријател од детството Енди, ќе го покани во Мејн, тој сфаќа дека можеби тоа е она што најмногу му треба.
Соочувајќи се со финансиски проблеми заради големата куќа која сега треба сама да ја одржува, Еви му го отстапува задниот дел од нејзиниот дом на Дин. Притоа, двајцата постигнуваат договор: Дин нема да се распрашува за покојниот сопруг на Еви, а таа нема да го прашува за неговата бејзбол-кариера. Сепак, на крајот доаѓаат до момент кога и двајцата го прекршуваат договорот, од што почнува да се развива пријателство. А потоа и нешто повеќе.
Дали ми се допадна книгава? – Да. Дали ќе пропуштев нешто ако не ја прочитав? – Не баш.
Најлесно би можела да ви ја опишам така 🙂
Приказната е помалку или повеќе предвидлива, ликовите се допадливи и беа убаво изградени, особено оној на покојниот сопруг на Еви чиј лик веројатно ќе ми остане меѓу најомразените.
Она што веројатно најмногу ми недостигаше беше вистинска конекција меѓу Еви и Дин – ова не беше книга во која јас самата ќе се вљубам во раѓањето и развивањето на нечија љубов. Ми немаше хемија, ниту топлина, туку целата поврзаност ми беше до некоја мера вештачка и усилена. На крајот веќе не ми ни беше толку грижа како ќе заврши нивната врска…
Морам да кажам и замерка за аудио верзијата бидејќи ја слушав – навистина можеше да биде подобра. Факт е дека и самата нарација влијае врз конечниот впечаток, а овојпат мислам дека книгава ќе ми се допаднеше повеќе ако нараторот внесеше малку повеќе ентузијазам во читањето. Можеби заборавил дека ова е роман, а не документарна емисија… Од оваа причина, мислам дека книгава ќе ми се допаднеше барем за нијанса повеќе ако ја читав. Аудио книгите си имаат и предности, но и мани 🙂
За крај, ќе споменам дека имаше убави цитати низ раскажувањето:
“And if you’ve been somebody’s first call, it’s hard not to be their first call anymore. She says it’s one of the reasons why parents sometimes feel sad when their kids are getting married. It’s not just the empty nest. They’re not the first call anymore.”
“Therapy is like a toothbrush. You can’t really put it to use for anybody except yourself.”
“Your head is the house you live in, so you have to do the maintenance.”