Дали постојат лоши книги?
Досега повеќе пати имам кажано дека ако некоја книга не ми се допаѓа од старт, лесно ја оставам на сред читање, бидејќи јас читањето го сфаќам како хоби во кое уживам, а не како обврска која морам да ја завршам по секоја цена. Животот е прекраток за да читаме лоши книги, зар не? Но, ајде да видиме кои се тие „лоши книги“ 🙂
Сигурно досега ви се случило некој да ви препорача книга за која откако сте ја прочитале сте си помислиле: Како воопшто може некој да биде воодушевен од ова? И обратно – веројатно некоја книга која вам ви се допаднала премногу, некој ја оценил со само една ѕвездичка. Погледнете ги само читателските фејсбук групи – за еден ист наслов, таму ќе најдете сосема различни впечатоци. Додека едни се импресионирани, други имаат желба да ја фрлат книгата низ прозор.
Веројатно и корисниците на Goodreads ќе се пронајдат овде – откако ќе завршам со некоја книга секогаш ги читам коментарите, па многу често се толку спротивни на мојот впечаток, што си помислувам: Сигурни сте дека зборуваме за истата книга?
Низ разговор за книги со луѓето околу вас, сигурно досега ви се случило некоја книга да ја ословите како „лоша“, но дали навистина можеме да кажеме дека книгата е лоша сама по себе? Се чини дека перцепцијата и впечатоците за книгите се толку субјективни, што знак прашалник е дали навистина можеме некоја книга да ја дефинираме како „лоша“. Впрочем, она што за некого е лоша книга, за друг може да биде брилијантна. Па, како ќе знаеме кој е во право?
Од лична гледна точка, можам да заклучам дека дури и мојата сопствена перцепција за една иста книга се менува со текот на времето. На пример, она што сум го сметала за „добра“ книга пред десетина години, сега би рекла дека е сосема просечна. Веројатно со текот на времето низ постојаното читање сетилото за добра книга се изострува, па малку е потешко нам читателите нешто да нè импресионира 🙂
На мојот инстаграм профил ве прашав дали мислите дека постојат лоши книги, на што 64% од вас одговорија потврдно, а 36% одговорија со не. И иако вообичаено на ваквите анкети спаѓам во мнозинството, овојпат не беше така.
Според мене, не постојат лоши книги. Постојат само книги кои не ни се допаѓаат нам лично. Само помислете си на најлошата книга која некогаш сте ја прочитале – лоша приказна, збунувачки начин на раскажување, предвидливи настани, клише моменти, недопадливи ликови… Бидете убедени дека некому му се допаднала. Некој, некаде во овој наш свет, бил воодушевен.
Ако се фокусираме на стручното оценување на книгите, веројатно треба да ги разгледаме критериумите по кои се оценуваат книгите за престижни награди – секако, прво ги пребарав критериумите за Пулицеровата награда. Меѓутоа, колку што успеав да дознаам, нема точно определени критериуми, туку е оставено на комисијата да одлучи кои книги „се истакнуваат“.
Потоа пребарав критериуми за други награди меѓу кои ги најдов оние за IPPY наградите (Independent Publisher Book Awards), а тоа се следните:
- Првичен впечаток (Изглед на книгата – Дали би посегнале по неа во книжарница или библиотека?
- Дизајн (Дизајн на корицата, фонт на букви, порака на корицата, целосен изглед на предниот и задниот дел – Дали корицата ве привлекува да погледнете внатре?)
- Оригиналност – Дали книгата нуди нов пристап?
- Јазик (Правопис, граматика, стил на пишување – Дали раскажувањето тече глатко? Дали ве тера да продолжите да читате?)
- Пренесување на порака (Дали пораката назначена на корицата е доловена на правилен начин?)
- Значење (Дали книгата е значајна за нашето време? Дали е ова порака за која треба да се дознае?)
Вака кога ќе ги разгледам овие критериуми, повторно мислам дека оценувањето според истите може да биде многу субјективно. Макар што, тука би го исклучила правописот, затоа што тука веќе нема простор за слободна оценка.
На крајот на краиштата, дали една книга е добра или лоша, е прашање на вкус. А за вкусовите не се дискутира – и тоа со причина.