Нови аудио книги на македонски јазик
Со оглед на тоа дека статијата за Аудио книги на македонски јазик е една од најчитаните на мојов блог, сметав дека е вредно со вас да ја споделам оваа новост, иако веќе сигурно до вас дошле информациите, барем доколку редовно ги следите читателските фејсбук групи.
А за оние кои сè уште не знаат – ја добивме првата платформа за аудио книги на македонски јазик! Та-дааам! 😀
Самоглас е платформа за пристап до аудиотека која во моментов брои неколку книги меѓу кои “Малиот принц”, “Ромео и Јулија”, “Животинска фарма” и “Дневникот на Ана Франк”, но се надеваме дека ќе стане што е можно побројна. Во моментов е достапна само веб верзија, а регистрацијата е бесплатна. Аудио книгите можете да ги слушате преку гласот на тројца млади актери кои учествуваат во овој одличен проект.
Верен корисник сум на аудио книгите, макар што секогаш ги слушам на англиски јазик, со исклучок на една која ја слушав на македонски на НССРМ сајтот.
Упорно се обидувам да ги убедам читателите околу мене да им дадат шанса на аудио книгите, но најчесто оние кои се откажуваат од нив, имаат проблем со тоа да се сконцентрираат. А ако и вие од таа причина не сакате да слушате аудио книги, мој совет е да пробате да ги слушате македонските верзии – можеби ќе ви биде многу полесно 🙂