„Ленинградска зима“ – Кристин Хана
Мередит и Нина Витсон се толку различни што не личат на сестри. Едната останува дома, се мажи со својата прва љубов, раѓа деца и го води семејниот бизнис. Другата ги следи своите соништа и патува низ светот како познат фоторепортер. Но кога нивниот сакан татко се разболува, Мередит и Нина повторно се спојуваат со нивната неописливо ладна мајка, Ања, која дури и во овој најтрагичен момент не им нуди утеха на своите ќерки.
Како деца, единственото нешто што ги поврзувало со неа била руската бајка што Ања понекогаш им ја раскажувала на девојчињата ноќе. Сега, татко им на смртна постела, бара трите жени да му дадат едно заедничко ветување – бајката да биде раскажана и ислушана за последен пат, но овој пат од почеток до крај. Па така почнува необичното патување низ вистината за животот на Ања во војна – во Ленинград, пред пет декади. Приказната на мајка им е толку потресна, срцепарателна и страшна што ќе ги протресе основите на нивното семејство и целосно ќе ги промени сите.
Имав високи очекувања од книгава, прво со оглед на препораките, второ поради фактот што Кристин Хана стои зад насловот, а за неа знам какви книги пишува. Читањето го развлеков премногу, дури цел месец ми требаше за да ја дочитам – дел поради тоа што генерално ја читав само кога бев излезена од дома, а дел поради тоа што самото раскажување тече бавно, па мислам дека тоа влијаеше и врз моето сопствено темпо на читање. Можеби тоа беше причината поради која ја оценив до 4 ѕвездички, а не 5 – на моменти посакував приказната да почне да се тркала малку побрзо, па ме иритираше тоа тргни-застани, бидејќи бев во исчекување Ања да почне да ја раскажува нејзината животна приказна.
Генерално земено, во остатокот ми се допадна. Ликовите беа убаво изградени и можев кристално јасно да ги видам причините поради кои се оформиле на таков начин. Од една страна Ања која никогаш не ја штедела својата љубов кон сопругот, но кон нејзините ќерки секогаш била студена, наспроти Мередит која во недостиг на трошка мајчинска љубов, им се посветува на нејзините ќерки во целост, на сметка на нејзиниот брак кој полека почнува да се распаѓа. Убаво е доловен секој лик поединечно, дадена им е длабочина и веројатно тоа е една од причините поради која лесно се поврзав со ликовите. Приказната успеа да разбуди емпатија во мене, па можев да го почувствувам секој момент на глад и студ, на болка низ која поминуваше Ања и сите останати кои го видоа суровото лице на војната.
Кристин Хана е навистина вешта во начинот на раскажување и едноставно знае како да го зграпчи читателот и да го поведе низ приказната. Ми се допадна тоа што приказната беше слоевита и начинот на кој беше раскажана – минатото и сегашноста беа поврзани, реалноста и „бајката“ беа испреплетени.
Иако првата половина за мој вкус беше бавна, сепак генералниот впечаток ми е позитивен. Ја препорачувам 🙂