You – Caroline Kepnes
Кога една убава девојка со амбиција да стане писател влегува во една книжарница, Џо кој работи таму го прави она што веројатно секое машко би го направило – на Google го пребарува името на девојката кое го забележува од нејзината кредитна картичка. Има само една девојка со тоа име и презиме во Њујорк – Бек има јавен профил на Фејсбук и непрекинато објавува твитови за сè што ѝ се случува, давајќи му ги на Џо сите информации кои тој треба да ги знае: кои се нејзините пријатели, на кој универзитет студира, каде живее и… каде ќе биде таа вечер. На Џо одеднаш му се нуди совршена шанса за средба. Тој се опседнува со животот на Бек, го следи секој нејзин чекор преку социјалните мрежи и оркестрира низа настани за таа да падне во негови раце. Дури ни фактот што таа веќе има момче со кое се гледа, не го одвраќа Џо од неговите намери. Следејќи ги нејзините желби, тој се преобразува во совршен човек за Бек, додека тивко ги отстранува пречките што му стојат на патот – дури и ако тоа значи дека треба да изврши убиство…
Hello? Anybody SANE here? Тоа е првиот впечаток кој можам да го кажам за книгава 😀 Мислам дека немаше ниту еден нормален лик во целава приказна. Што не значи дека е лошо, да се разбереме – ликовите беа убаво изградени и доста комплексни, особено оној на Џо.
Интересно е тоа што книгата е раскажана во форма на обраќање на нараторот кон девојката со која е опседнат, стил кој навистина знае да биде тежок за пишување. Од оваа причина, ако имате прилика да ја слушате аудио книгата (особено со слушалки на уши) чувството на морничавост се зголемува. Тоа ѝ дава некоја перспектива на реалност на приказната, затоа што ви го убива чувството дека тоа е нешто далечно, туку имате впечаток дека многу лесно може и вам нешто слично да ви се случи. Рака на срце, Џо навистина немаше грешки во чекори и ако не ја гледаме ситуацијата од страна, веројатно сите би имале симпатии спрема него и неговите постапки, доколку не ја знаеме целата позадина. Книгата начнува една многу актуелна и секојдневна тема и ве тера да размислите колку реално го изложуваме својот сопствен живот во виртуелниот свет, им го ставаме на тацна на многу непознати луѓе, до таа мера што лесно можеме да станеме мета на манипулации и злоупотреби. Можеби токму поради специфичниот начин на раскажување, на почетокот ми требаше малку време за да навлезам во приказната и да разберам што се случува, особено затоа што оставив кратката содржина да ми остане тотално непозната и да ми биде изненадување. Дефинитивно е изопачена и не е за сечиј вкус, макар и да обожавате трилери.
Патем, кога веќе ја спомнав аудио верзијата – одлична е! Една од подобрите кои сум ги слушала. Иако Пен Беџли стои на корицата на книгата (актер кој ја игра главната улога во истоимената серија), неговиот лик целосно ми се избриша од глава откако го слушнав гласот на нараторот. Максимално е внесен во приказната и иако на моменти ми бегаше вниманието додека ја слушав, тој преку неговиот ентузијазам во читањето ме враќаше назад во книгата 😀
Во продолжение неколку цитати од книгата:
“The only thing crueler than a cage so small that a bird can’t fly is a cage so large that a bird thinks it can fly.”
“The problem with books is that they end.”
“I don’t say anything. I know the power of silence. I remember my dad saying nothing and I remember his silences more vividly than I remember the things he said.”
“Talking to you is like traveling through time.”
“A poet is different. A poet transforms the world with such small hands.”
“You grow through love. You don’t postpone love until you stop growing.”