The Sometimes Sisters – Carolyn Brown
Додека растеле, Дена, Харпер и Тани никогаш целосно не се доживувале себеси како сестри. Тие се зближувале единствено за време на летните месеци кои ги поминувале во рустикалното одмаралиште покрај езеро во северниот дел на Тексас, во сопственост на нивната баба. Со текот на времето, меѓу нив започнува да се гради ѕид од тајни, што ги доведува до тоа да не се видат заедно цели десет години – нешто кое го крши срцето на нивната баба.
Откако таа умира, во наследство им го остава нејзиниот имот – дванаесет куќарки за гости, мала куќа, кафуле, продавница и многу семејни спомени. И покрај тоа што ретко зборуваат и повеќе не се толку блиски, Дена, Харпер и Тани мораат да научат да функционираат заедно. А притоа, да научат како повторно да бидат вистински сестри.
Имав малку повисоки очекувања од книгава и за жал морам да кажам дека не ми се допадна толку колку што мислев. Ги сакам семејните драми и бев расположена за некоја таква книга – токму од таа причина ја одбрав оваа. Сепак, на крајот спаѓам во малцинството на кое не им се допадна.
Женските ликови во книгава ми беа многу слични, во однос на нивните гласови, постапки, начини на размислување – ми недостигаа некои нивни карактеристични белези преку кои ќе ги распознавам, нешто што ќе им даде уникатност како ликови. Можеби токму од таа причина ми беше тешко да ги разграничам, па постојано ми се мешаа. Дополнително, беа недоизградени и многу еднолични и не успеав да се поврзам со никоја од нив. Во овој дел, како за искусен и зрел писател, од Керолин очекував барем малку повеќе.
Ми се допадна самата идеја на приказната, иако не е нешто ново – како загубата на некој сакан е причина членовите на семејството да се зближат. Сепак, ете, реализацијата не ми се допадна толку. Многу работи не ми беа реални, меѓу кои и тоа како „магично“ им се средија животите на сите главни ликови во рекордно време.
Генерално земено, ова не беше книга која е „лоша“, но и да не ја прочитав, немаше ништо да пропуштам.