Како издавачките куќи ве поттикнуваат да останете дома и да читате книги
Веројатно не е потребен некој посебен вовед на оваа моја статија, бидејќи претпоставувам дека веќе од самиот наслов знаете за што овојпат ќе пишувам. Вестите се преплавени со новости во врска со коронавирусот и мерките што се преземаат, па каде и да се свртите, без разлика дали ќе пуштите телевизија, или интернет, тоа е сè што слушате.
Се надевам дека сите сте добри и послушни, дека го имате сведено излегувањето од дома на минимум и дека го користите слободното време за повеќе читање книги 🙂
Домашната изолација, барем за мене, и не е така лоша работа, особено со оглед на тоа дека моите омилени активности и онака ги правам дома – читам, фотографирам, вежбам. Единствено ми е жал што сум ограничена во тоа да си ги видам најблиските, да излезам на прошетка со моето куче, но сè со цел да се држиме безбедни. Ќе дојдат поубави и посончеви денови. Засега, пиењето кафе на тераса, особено со расцветани дрвја наоколу и звукот на птиците, ми делува како своевидна терапија и бегство од ова лудило што го зафати целиот свет 🙂
Но, да се вратиме на книгите.
Со оглед на новите околности, многу од нашите издавачки куќи најпрво ги применија мерките за скратување на работното време на нивните книжарници, но потоа воведоа и други дополнителни поволности за кои вреди да ги пофалам и да ги споделам на мојов блог.
Ќе почнам со една од последните новости, а тоа е онаа на издавачкиот центар Три за нивната нова мобилна апликација. Покрај попустот од 25% на сите онлајн нарачки, Три објави дека отсега можете да ја преземете нивната мобилна апликација kniga.mk достапна на App Store и Google Play. Од апликацијата, покрај тоа што ќе можете да купите книги, достапни ќе ви бидат и електронски верзии на листа на македонски наслови и тоа бесплатно, цел месец! Секако дека веднаш ја симнав апликацијата штом ја прочитав оваа вест и многу се израдував – лесна е за користење и прегледна. Притоа, морам да споменам дека засега не успеав да симнам некоја од бесплатните книги, можеби апликацијата во моментов е преоптоварена, со оглед на тоа дека веста е скоро објавена, па затоа ќе се обидам подоцна.
Откако привремено ја затворија нивната книжарница во Центар, Антолог објави посебна понуда – Акција 35 наслови до 35% попуст за онлајн нарачки. Целосната понуда можете да ја видите на следниот линк.
Почнувајќи од денес, па до 24 март, Литература нуди 30% попуст на онлајн нарачки за сите нивните изданија.
Сакам книги нуди 10% попуст и бесплатна достава за нарачки над 990 денари. Покрај тоа, на нивната фејсбук и веб страница можете да ги најдете т.н. Survival kit пакетите од неколку книги за пониски цени.
Полица нуди 20% попуст за онлајн порачка, a Матица нуди бесплатна достава за порачки над 600 денари која можете да ја направите на нивната мејл адреса [email protected].
Култура покрај скратеното работно време на книжарницата, ви овозможува онлајн нарачки преку Фејсбук и Инстаграм – со купени најмалку два наслови испораката е бесплатна, со секоја извршена нарачка добивате една книга подарок по нивен избор, а во нивната виртуелна книжарница на www.kultura.com.mk важи 10% онлајн попуст со бесплатна достава за нарачка над 1000 денари.
Бата прес нуди бесплатна достава и има листа на книги со попуст која можете да ја најдете на следниот линк.
За крај, останете дома и читајте повеќе книги 🙂