When We Left Cuba – Chanel Cleeton
Кубанската револуција ќе ѝ земе сè на Беатриз Перез и нејзиното семејство кое се занимава со трговија на шеќер. Кога во 60-тите години ќе побегнат во САД и ќе стапнат на американското тло, Беатриз е регрутирана од ЦИА за да се инфилтрира во внатрешниот круг на Фидел Кастро. Одвлечена во опасниот свет на шпионажата, Беатриз е водена од нејзината потрага по одмазда и желба да си го врати животот што го изгубила.
Како што надоаѓа Студената војна, Беатриз е фатена меѓу судирот на кубанско-американската политика и опасноста од аферата со еден од американските сенатори кој има своја агенда и амбиции. На крајот, таа сепак мора да направи избор помеѓу нејзиното минато и иднината – но, еден погрешен потег би можел да ја чини многу.
Ова е книга која веќе подолго време ми беше на листата за читање, покрај многуте препораки, но и интересната кратка содржина која ме заинтригира. Историска драма за борбата против Фидел Кастро и една силна жена која ќе се впушти во шпионажа со цел да дојде до него и да го убие – звучеше доволно интересно 🙂
Семејството Перез во Куба имало сè – пари, слава, моќ. Но, нештата се менуваат, па кога доаѓаат во САД, сфаќаат дека ништо не е како во нивната татковина. И додека мајката и сестрите на Беатриз се борат да дојдат до некаков општествен статус кој го имале во Куба, таа се обидува да го одмазди нејзиниот брат кој умрел од рацете на Кастро.
Приказната фрла светло врз тогашните случувања во Куба и САД, заострувањето на нивните меѓусебни односи, обидот на САД да го тргнат Кастро од челната позиција, атентатот на Кенеди и последиците кои ќе настапат по тоа, а на крајот ни го прикажува и животот на обичните Кубанци кои некаде измеѓу Куба и САД, повеќе не знаат каде припаѓаат и каде да останат, а единствено нешто што сакаат е да си го вратат стариот живот назад.
Многу ми се допадна ликот на Беатриз. Убава, паметна и силна жена, борбена, на моменти тврдоглава и многу упорна во тоа да стигне до целта. Им се спротивставуваше на сите општествени, па и семејни очекувања таа да се омажи, да роди деца и да биде домаќинка, како што ѝ доликувало на една жена во 60-тите години. Но не – таа не само што им пркосеше на таквите очекувања, туку и се впушти во неверојатна опасност во име на нејзиниот загинат брат и цела Куба.
Искрено, мислев дека малку поинаку ќе заврши, барем на моменти како да имаше некои такви навестувања. Но, добро, и вака ми се допадна крајот, беше заокружена како целина.
Она што не ми се допадна и причината поради која книгава ја оценив со 4 ѕвездички, иако на моменти дури сакав да ѝ дадам 3.5 е поради тоа што имаше многу драматични кавги меѓу ликовите. Беатриз со нејзината мајка, Беатриз со нејзините сестри, Беатриз со татко ѝ, Беатриз со нејзиниот љубовник, Беатриз со нејзиниот пријател од детствто кој цел живот е заљубен во неа… Мислам дека некои моменти беа непотребни, многу развлечени и се повторуваа. Вака кога ќе се навратам на настаните, испаѓа дека Беатриз на сите им ги објаснуваше нејзините причини за борбата против Кастро и сето тоа некако на крајот ме измори – особено ако ја слушате аудио верзијата во која нараторот прилично драматично ги доловува расправиите 😀 Кога веќе сум кај аудио книгата – одлична е, многу ми се допадна нарацијата, целосно можев да го почувствувам кубанскиот шмек и тоа само по изговорот на „Куба“ 🙂
Тоа е единствената замерка која ѝ ја најдов, во остатокот ми се допадна. Ја препорачувам.
Во продолжение дел од цитатите кои ми се допаднаа:
“If I’m going to have regrets in this life, I’d rather them be for the chances I took and not the opportunities I let slip away.”
“It’s funny how your sense of home can change, isn’t it?”
“Dreams never die all at once. They die in pieces, floating a little farther and farther away each day.”