Тајниот живот на писателите – Гијом Мисо
Откако напишал три култни романи, Нејтан Фолс во 1999 година објавува дека веќе никогаш нема да се занимава со пишување и се повлекува на прекрасниот, но див медитерански остров Бомон.
Есен 2018 година. Фолс нема дадено ни едно интервју веќе цели 20 години, но неговите романи не престануваат да го привлекуваат вниманието на читателите. Матилда Моне, млада швајцарска новинарка, доаѓа на островот со намера да ја открие тајната на Фолс.
Истиот тој ден на островот е пронајдено телото на една жена и власта решава да воведе блокада на островот. Тогаш меѓу Матилда и Нејтан почнува опасно соочување во кое се среќаваат долго криени вистини и уверливи лаги, но и љубов и страв.
Не сум сигурна која книга по ред ми е од Мисо што ја читам, но мислам дека доволно добро го познавам неговиот стил за да знам што да очекувам. Не сум некој голем фан на елементи на нереалност кои знаат да бидат дел од неговите книги, но кога се уверив дека оваа не е таква, си реков да ѝ дадам шанса.
Брзо се чита и успеа да ме задржи во неизвесност додека полека ми ја активираше имагинацијата за да почнам со креирање на можни сценарија. Се провлекуваат жички на мистерија како и во сите други негови книги, ве тера да читате понатаму, а овојпат ми се допадна и тоа што преку главниот лик го спознававме и самиот процес на творење литературно дело, па можеше да се забележат одредени совети и насоки кои Нејтан низ книгата му ги дава на младиот, надежен писател.
На крајот ја оценив со 3 ѕвездички, само затоа што расплетот не ми се допадна – некако на крајот се испостави дека приказната е многу заплеткана, а набрзина расплеткана, па ми требаше време за да го процесирам сето тоа 🙂
Во секој случај ја препорачувам ако сте љубители на стилот на Мисо.