„Екстремно гласно и неверојатно блиску“ – Џонатан Сафран Фоер
9-годишниот Оскар Шел е на мистериозна и многу итна мисија која го носи насекаде низ градот Њујорк – неговата цел е да ја најде бравата која може да се отвори со клучот кој му припаѓал на неговиот татко кој умира во нападите на кулите близначки на 11 септември. Оваа навидум невозможна мисија го носи Оскар кај најразлични луѓе, секој од нив борејќи се со сопствените животни проблеми. Чекор по чекор, од врата на врата, тој неуморно трага по невозможното, во обид да ја преболи смртта на татка си.
Пред да почнам да ја читам книгава, односно да ја слушам нејзината аудио верзија, имав некое сеќавање во главата од филмот со Том Хенкс, но бев речиси сигурна дека го немам гледано. Си реков дека откако ќе ја завршам книгата, ќе го изгледам и филмот, но за тоа потоа 🙂
Ова беше една многу емотивна и трогателна приказна за тешката загуба, за обидот да се преболи, приказна која нè учи на тоа колку е непредвидлив и краток животот. Се соживеав со болката, од една страна преку ликот на Оскар кој жалеше по неговиот татко, а од друга страна преку ликот на Линда која жалеше по својот сопруг. Оскар ми беше еден многу интересен лик – неверојатно интелигентно и бистро момче со брилијантен ум, иако во некои делови чувствував одбивност кон него. Ќе бидам искрена, на моменти додека ја слушав, покрај сите негови прашања имав чувство како и јас самата да имам некое дете дома, кое ме следи низ цела куќа и не престанува да збори 😀 Па дури и јас самата се исклучував од „програмата“ и ги пуштав мислите на друга фрекфенција 🙂 Во повеќе делови почувствував како ми бега вниманието. Сепак, ми се допаднаа повеќе работи во оваа книга – како беше опишана врската меѓу Оскар и неговиот татко, сите нивни игри и мисии кои ги имале заедно, скриените знаци кои му ги даваше татко му на Оскар за да му помогне да пронајде нешто, а на крајот и обидот на Оскар да се одржи во бескрајната мисија, бидејќи тоа беше нешто кое остануваше да го поврзува со татко му. Попатно запознавме и многу други ликови кои се нижеа низ приказната, како кончиња во различни бои споени во еден сплет.
Додека ја слушав, во глава ми се оформуваше оценката и бев скоро сигурна дека на крајот ќе ѝ дадам 3 ѕвездички, ама ете, при последните поглавја нешто ме предомисли и решив да бидам барем малку подарежлива. Од она што успеав да го видам на Goodreads, импресиите се поделени, па така од една страна имате читатели на кои многу им се допаднала книгава, наспроти читатели кои едвај (или воопшто не) ја дочитале. Меѓу коментарите на вторите, прочитав компарации со друга книга на Фоер, под наслов Everything Is Illuminated, но не сум ја читала за да кажам дали е навистина подобра. Во секој случај, можам да разберам зошто некому не би му се допаднала и зошто не би можел да се поврзе со приказната на Оскар, но јас би ви рекла да ѝ дадете шанса.
А што се однесува до филмот – еден мој колега вели: Книгите се океан, а филмовите море. И токму тоа ќе го забележите кај овој филм, ако претходно ја прочитате книгата. Филмот не е лош, но иако трае околу 2 часа, ни одблиску не го доловува целото дејствие од книгата, за што сфаќам дека е невозможо. Дотолку повеќе што книгата обработува различни приказни, за различни ликови, додека пак фокусот на филмот е првенствено на Оскар, а останатото е дадено само во позадина. Исто така, некои детали се изменети, но тоа и не ми пречеше толку. Во секој случај, ако го гледате само филмот без да ја прочитате книгата, мислам дека ќе ви се допадне 🙂