Four Weddings and a Festival – Annie Robertson
Четири свадби за четири месеци – звучи лудо, нели? 😀
Би, Лизи, Хана и Кет се четири долгогодишни другарки кои отсекогаш се шегувале дека сите ќе се венчаат заедно, во едно лето. Она што тогаш личело на обична шега, сега е на пат да се оствари – со три закажани венчавки и едно запросување на пат…
Сè додека Би не го одбие предлогот за брак на нејзиното момче. Таа сфаќа дека е заглавена во рутината и дека она што првично бил нејзин привремен план, се чини дека трае со години, додека нејзините амбиции за сопствен бизнис со накит тапка во место.
Сезоната на свадби и фестивали започнува, но дали сите четири другарки ќе си ја пронајдат сопствената среќа?
Ако насловот на книгава ви делува познат, веројатно ве асоцира на филмот Four Weddings and a Funeral кој иако го имам гледано одамна, можеби требаше да го изгледам пак пред да ја читам книгава, бидејќи на повеќе наврати се споменуваат сцени од филмот на кои јас не се сеќавав 🙂
А ако корицата на книгата ви остава впечаток дека се работи за лесна чик-лит приказна – сосема сте во право. Не ни имав големи очекувања, барав некоја аудио книга за релаксирање на мозокот и ми правеше убаво друштво во предпразнични генералки низ дома 😀
Книгата воглавно ја следи Би и нејзиниот обид да се врати на првичните животни планови од кои скршнала, но тука се преплетуваат и приказните на нејзините три другарки и нејзината тетка, чии животни судбини ги спознаваме попатно. Искрено кажано, Би не ми беше толку допадлива како лик – беше многу несигурна во себе, исплашена без маж во животот, па не ја сфатив логиката на нештата кога по раскинување на долга врска после предлогот за брак, иако со намера да се фокусира на себеси и сопствениот бизнис, веднаш да влета во некаква кратка афера. Дури ни другарките нејзини не ми беа многу допадливи – беа од оние што кога ќе раскинеш врска те поддржуваат дека си ја донела вистинската одлука, за на крајот после смирувањето да ти речат: Па, знаеш што? Јас всушност отсекогаш верував дека сте створени еден за друг 😀
Си реков дека ако и крајот ме разочара и не заврши како што очекувам, ќе ја оценам со само 2 ѕвездички. Крајниот исход – ѝ дадов 3. Не велам дека е лоша, но сепак мислам дека има далеку подобри чик-лит книги кои би можеле да ве релаксираат во овие денови 🙂