„Изгубените девојки во Париз“ – Пам Џеноф
1946, Менхетен
Грејс Хејли се обидува одново да го изгради својот живот откако го губи сопругот во војната. Едно утро, додека поминува низ железничката Гранд Централ одејќи на работа, таа наоѓа напуштен куфер пикнат под една од клупите на терминалот. Не можејќи да одолее на љубопитноста, Грејс го отвора куферот и внатре наоѓа десетина фотографии – секоја од нив од различна млада жена. Импулсивно, ги зема фотографиите и брзо заминува од железничката.
Грејс набрзо дознава дека куферот припаѓал на Еленор Триг, лидерка на група женски тајни агенти кои биле испратени надвор од Лондон за време на војната. Дванаесет од овие жени биле пратени во Окупирана Европа како радио операторки за да помагаат во отпорот, но тие никогаш не се вратиле дома и нивните судбини останале мистерија. Решавајќи да ја дознае вистината, Грејс посебно ја влече младата мајка Мари која била таен агент во Париз и чија опасна мисија раскажува уникатна приказна за пријателството, војната и предавствата.
Кога почнав со книгава, за момент помислив дека можеби сепак требаше да ја оставам за понатаму, бидејќи штотуку завршив со „Вагонот со сираци“ чие дејствие исто така е сместено за време на Втората Светска војна, па имав чувство дека можеби ќе бидам заситена. Сепак, не беше така, бидејќи оваа книга дава една сосема поинаква перспектива на тој период и ми беше интересна од почеток до крај.
Размислував за тоа колку ѕвездички да ѝ дадам и на крајот сепак се одлучив за 4, иако можеби не заслужуваше толку и тука ќе го свртам вниманието на тоа што не ми се допадна. Кога ја прочитав кратката содржина, искрено очекував малку подлабоко да налеземе во настаните и животите на тајните агентки и малку поблиску да ја видиме војната од нивните очи. Имаше простор да гребнеме малку повеќе под површината, што ќе ѝ дадеше и некоја тежина на приказната, а мене ќе ми го олеснеше поврзувањето со главните хероини. Сакав малку повеќе да ѕирнам во тоа што се крие зад нив, како станале агентки, какви им биле тренинзите и сето тоа. Не дека отсуствуваа тие работи во целост, ама тој дел ми беше блед и плиток.
Можеби за некого не е маана, но јас очекував приказната да биде малку помрачна, можеби затоа што сум прочитала многу поживописни и потешки книги за овој дел од историјата, па бев спремна за такво нешто, особено со оглед на фактот дека главните ликови биле во самото жариште на војната. Кога сум веќе кај ликовите, ми се чини дека не беа доволно добро изградени, па еве сега вака откако ја имам дочитано книгата, ако ме прашате да ги опишам – искрено, не би знаела како. Не можев да извлечам некои нивни карактерни особини кои ги обележуваат, за да ги дефинирам.
Другата забелешка ми е конкретно во врска со ликот на Грејс. Мислам дека ќе ми се допаднеше повеќе ако беше на некој начин врзана за Еленор или Мари, доколку да речеме имаше некаква позадина зад нејзината желба да дознае што им се случило, па да дојде до т.н. closure. Вака за мене беше само душкало што нема ништо друго поинтересно во сопствениот живот, па чепка по туѓите. Дури на моменти ме иритираше целата таа нејзина љубопитност, си го пикаше носот каде што не ѝ беше место. Целата потрага ѝ беше поттикната од сосема погрешни причини.
Вака кога ќе ги прочитам забелешките, се чини дека книгава не би ја препорачала, ама сепак не е така 🙂 И покрај наведеното, ми го задржуваше вниманието и ми се допадна, доволно за да ви кажам да ѝ дадете шанса.