„Знаеш ли да чуваш тајна?“ – Софи Кинсела
Запознајте се со Ема Кориган – млада жена со огромно срце, нескротлив дух и неколку мааали тајнички. Тајни што ги крие од нејзиниот дечко (како на пример тоа дека нема баш 52 килограми), тајни што ги крие од нејзината мајка (како на пример тоа кога и каде ја изгубила невиноста). Тајни што не би ги споделила со никој на светот, како на пример тоа дека истура сок од портокал во цвеќето на злобната колешка на работа секогаш кога ја вади од такт. Сè додека не се најде во опасна ситуација за време на еден лет, па мислејќи дека авионот ќе се урне, во паника му се исповеда за сè по ред на непознатиот тип до неа.
Но, само неколку дена подоцна, се покажува дека тој не е толку непознат. Впрочем, Џек Харпер е милионерот кој ја поседува компанијата каде што работи Ема – значи, нејзин директор. И тој сега го знае секој најмал понижувачки детаљ за неа…
Ова е една од оние книги во кои знаете каде оди приказната и каде ќе заврши, а сепак продолжувате да читате и понатаму 😀 Забавна и лесна за читање, успеа неколку пати да ме насмее на глас, па буквално се враќав на некои делови за да ги прочитам уште еднаш 😀 😀 Веднаш штом ќе прочитате дека се работи за книга од Кинсела, веројатно претпоставувате дека ќе добиете предвидлива лимонатка, која сепак ќе ве држи во некое убаво и весело расположение додека ја читате. Ми се допаѓа нејзиниот хумор и неколку други нејзини книги веќе ми се на листа за читање кога ќе бидам расположена за нешто вакво 🙂 Ова е книга која веројатно повеќе од една година ми стои на домашните полици, ама не ѝ дојде редот за читање дури досега, а искрено не знам зошто. Ми беше една од подобрите чик лит книги кои сум ги прочитала и ви ја препорачувам доколку сакате да се опуштите со нешто лесно и интересно 🙂