„Викај ме со твоето име“ – Андре Акиман
17-годишниот Елио го поминува летото со своите родители во нивната вила во едно италијанско село. Тие се семејство од соништата – високообразовани и убави луѓе кои слободно зборуваат за филозофија, историја и лингвистика. Таткото на Елио е професор по археологија, а самиот Елио е талентирано момче кое своите денови од распустот ги минува изучувајќи класична музика, читајќи книги, возејќи велосипед и излегувајќи навечер. Летната возбуда во неговиот живот доаѓа во облик на 24-годишниот американски студент Оливер кој во вилата доаѓа на летна пракса кај неговиот професор. Висок, згоден и шармантен, тој веднаш го привлекува Елио кој иако смислува причини за да поминува повеќе време со него, сепак неговите симпатии ги маскира преку повремените исмејувања кон Оливер. Наскоро, нивните вербални конфликти почнуваат да добиваат еротска нота, за потоа конечно да прераснат во флерт кој води кон нешто повеќе… Иако крајот на престојот на Оливер во Италија ја прекинува нивната љубовна авантура, сепак тој останува во мислите и срцето на Елио засекогаш, како негова прва љубов.
Доколку насловот на книгава ви звучи познато (во оригинал како Call Me by Your Name) веројатно е поради нејзината екранизација која е доста популарен филм. Пред да седнам и да го изгледам на Нетфликс, си реков дека прво ќе ја прочитам книгата – филмот сè уште го немам гледано, но веќе ми го пофалија и мислам дека ќе ми се допадне, барем по изборот на актерите кои секогаш си носат некоја своја драж во целата приказна 🙂
Да се вратиме на книгата – веднаш на почетокот ќе кажам дека ми се допадна и цело време на скалата со оценки се движеше некаде измеѓу 3 и 4, но на крајот се одлучив за пониската оценка.
Не се сеќавам дали некогаш претходно имам читано книга која раскажува за хомосексуална врска, зборувам за тоа истата да биде во главниот фокус на приказната, но тоа и не ми беше толку важно, ниту пресудно за тоа дали воопшто да ја читам оваа. Се ослонив на високата оценка и позитивните коментари кои некако ги кренаа и моите сопствени очекувања, па можеби затоа на крајот ѝ ја дадов пониската оценка.
Нешто што веројатно и најмногу ми се допадна беше тоа што толку длабоко навлеговме во емоциите на Елио и го гледавме како поминува низ секој еден момент кој се рефлектираше преку неговите чувства, што дури ме облеа некоја нелагодност… како да нарушувам нечија интима и приватност. Откривавме парче по парче од неговото срце и ги следевме сите чувства кои ги имаше кон Оливер – како се раѓаа, како растеа, се трансформираа, но никогаш не исчезнаа. Сето тоа беше преточено во многу убави мисли кои како да ме ставаа во кожата на Елио за и јас самата да ги доживеам сите тие негови емоции.
Што се однесува до врската меѓу Елио и Оливер – беше дефинирана како нетипична, несекојдневна, но можам слободно да кажам дека имам прочитано повеќе книги во кои меѓусебните врски на ликовите се прикажани во една таква јасност и чистина, низ чувства чија длабочина ја спознаваме до самата срж, што ме натерале да се вљубам во нивната љубов. Така што, од тој аспект не ми беше ништо ново. Всушност, мислам дека овде самата приказна и не беше толку исклучителна и невообичаена, колку што беше важен начинот на кој беше раскажана. Тука морам да признаам – Акиман знае како се прави тоа. Беше многу поетичен и можев да го забележам неговото вложување и внимателно одбирање на зборовите во секоја реченица.
Доколку се прашувате дали книгава има секс сцени – одговорот е да. Можеби не се толку сликовито доловени, барем во споредба со некои други книги кои сум ги читала, но сепак има сцени кои забележав дека наишле на неодобрување од читателите (и гледачите на филмот). Верувам дека книгава не е за сечиј вкус и не би му се допаднала секому, па мојот совет е покрај кратката содржина, да прочитате и дел од коментарите на читателите (оние кои не содржат спојлери) за барем да можете да насетите дали би ви се допаднала вам.