„Трагајќи по неа“ – Лиса Гарднер
Пред седум години, безгрижната студентка Флора Дејн ја киднапираат за време на пролетниот распуст. И цели 472 дена, Флора постепено открива колку всушност и што сè може да издржи една личност.
Жива со помош на некое чудо по сето тоа, Флора ги поминува последните пет години привикнувајќи се повторно на ритамот на нормалниот живот и работи со нејзиниот специјалист за жртви од ФБИ. Таа има мајка која никогаш не престанала да ја сака, брат кој се плаши од личноста во која таа е претворена и еден ѕид во нејзината спална соба кој е покриен со слики од други девојки кои за разлика од неа, никогаш не се вратиле дома.
Кога детективката Ди Ди ја повикуваат на место на злосторство, каде што има мртов маж и врзана гола жена која го убила, таа дознава дека Флора се плеткала и со други тројца осомничени откако се вратила во општеството. Па, дали Флора е жртва или одмаздничка? И дали е можно со нејзиното лично искуство со предатори, таа да може да помогне со спасување на исчезнатата студентка чие киднапирање го тресе Бостон? Но кога и Флора повторно исчезнува, Ди Ди сфаќа дека сè е уште покомплицирано отколку што изгледа и дека некој очигледно решил дека Флора Дејн овој пат нема да побегне жива.
Имам некои измешани импресии за книгава, нешто ми се допадна, нешто не. Збунета сум во врска со конечниот впечаток, па ѝ дадов некоја средна, просечна оценка. Како да не ми оди нешто со трилерите во последно време, не знам од која причина.
Конкретно оваа книга е дел од серијал за детективката Ди Ди, но мислам дека и покрај некои ситни работи кои се врзуваа за нејзиниот лик, а произлегуваа од претходните делови, можете слободно да ја читате засебно, барем јас не почувствував никаков проблем и немав недостатоци во приказната.
Имав проблем со тоа да се поврзам со ликовите жртви во книгава. Вообичаено сочувствувам во голема мера со она низ кое поминуваат, но овојпат некако не можев да влезам во кожата на Флора. Можеби поради таа причина на крајот ми беше сеедно што ќе се случи.
На почетокот исто така имав проблем да сфатам од која перспектива се раскажува, па тоа ме остави збунета, бидејќи првично мислев дека се две, но всушност се три. Од една страна ја следиме детективката во сегашно време, од друга страна го следиме киднапирањето на Флора во сегашно време, а од трета страна пак, го гледаме нејзиното прво киднапирање. Сето ова ми создаваше конфузија во разбирање на делот на Флора, сè додека не сфатив дека во суштина гледаме две нејзини киднапирања.
Ми се допадна брзото темпо на одвивање на настаните – ова не е прва книга од Гарднер која ја читам и знам дека не сака да ги влечка приказните, туку директно да премине на главното.