„Патниците“ – Џон Марс
Замислете дека се возите во кола која управува самостојно, кога одеднаш вратите се заклучуваат, рутата автоматски се менува и ја губите целата контрола над возилото. И тогаш, преку звучниците, мистериозен глас ви вели: „Наскоро ќе умреш“.
Баш кога светот конечно почнува да добива сè поголема доверба во возилата кои управуваат сами, осум лица се наоѓаат во страшна ситуација кога нивните автономни возила се хакирани и добиваат програмски насоки да се судрат во една точка за одредено време. Кој од патниците ќе преживее, а кој ќе умре, одлучуваат гласачите од социјалните мрежи.
Патниците кои во моментот се возат во возилата се: телевизиска ѕвезда, трудна млада жена, онеспособен пензиониран воен херој, жртва на семејно насилство која бега од својот насилен маж, илегален имигрант, двајца сопружници кои се родители на две дечиња и патуваат во две различни возила и еден суицидален маж. Преку камери скриени во нивните возила, милиони ширум светот ја следат нивната паника. Јавноста треба да гласа и да пресуди кој од нив треба да преживее, но со секоја следна страница сфаќаме дека ниту еден од патниците не е она што се претставува на почетокот…
Некако немав среќа со последната книга која ја прочитав од Џон Марс и искрено планирав малку да се дистанцирам од неговите книги, но веројатно она што ме предомисли беше фактот дека конкретно овој наслов неодамна доби македонско издание од Сакам книги, па решив да верувам во нивниот избор.
Гледано од аспект на идејата сама по себе, некако оваа книга ми беше поблиска до „Вистинскиот“ и повеќе можев да го препознаам стилот на пишување на Марс, за разлика од What Lies Between Us.
Ако треба да ја опишам книгава со еден збор, би го одбрала зборот „шаренолика“. Беше спој на многу различни ликови и приказни и навистина имаше толку многу теми кои ги допре, што мислам дека би била одличен избор за дискусија во читателски клуб. Морате да признаете дека почнува многу мистериозно – во некоја не толку далечна иднина, каде „паметните“ уреди почнуваат да ги контролираат нашите животи. Осум патници заглавени во нивните самоуправувачки возила, секој од нив ставен на тест пред јавноста. Кого ќе изберете за да умре, а кој заслужува да живее? Секој од патниците има точно определено време да ги изнесе пред јавноста неговите причини зошто би му бил потребен на светот и зошто мора да преживее. Она што никој не го кажува е тоа дека со себе носи длабока тајна. А кога човекот кој стои зад сето тоа почнува да ги открива тајните на патниците, мислењето кај публиката се менува. Но, дали е сè онака како што изгледа? Како што и јас самата ги следев настаните од перспектива на публика, така и јас ги менував впечатоците за секој од патниците и се трудев да не ги осудам предвреме, односно пред да ги знам сите околности.
Ми се допадна концептот на книгата, исто како што ми се допадна и во „Вистинскиот“ (книга од која инаку се провлекуваат некои идеи и во овој наслов од Марс), но од некоја причина постојано се движев измеѓу 3 и 4 кога е во прашање оценката. Не ми се допаднаа некои детали кои сега не би ги открила бидејќи се спојлери, но еве можам да кажам дека на пример премногу ми стана досадно тоа упорно повторување на вечната дилема – Кого да спасат, а кого да го остават да умре? Ми се чини дека предолго ликовите се задржуваа на тоа и толку многу ги повторуваа недоумиците, што на крајот веќе ме иритираа.
Ми се допадна и како беше склопена книгата – покрај раскажувањата во различни поглавја за различни ликови, вметнати беа и делови од вести и новинарски репортажи, а дополнително аудио верзијата имаше и sound effects кои ми помагаа полесно да се внесам во приказната.
Содржински навистина е интересна и ќе ви отвори многу прашања и ќе ве натера да размислите на различни теми, настрана дилемите поттикнати од животните околности на патниците. Иако на крајот јас ја оценив со 3 ѕвездички, главно зашто Goodreads нема опција за измеѓу, а некако не ми беше за 4 – сепак ви ја препорачувам 🙂