Познати писатели кои напишале само еден роман во животот
Што правите откако ќе прочитате некоја добра книга од автор кој за прв пат го читате? Не знам за вас, но она што јас го правам е впуштање во потрага на сите негови останати книги 🙂 Но, што ако не постојат такви? Што ако книгата која толку многу ви се допаднала е единствената книга која писателот ја напишал?
Денес на мојов блог решив да направам листа на познати писатели за кои верувам дека сте слушнале, а кои напишале само еден роман во животот.
Првата на која се сетив кога почнав да ја правам листата беше Силвија Плат, поетеса која решава да му стави крај на својот живот истата година кога во печат излегува нејзиниот единствен роман, „Стакленото ѕвоно“. Овој роман е всушност полуавтобиографска книга во која зборува за нејзината борба со клиничката депресија.
И покрај тоа што не е единствен наслов кој го напишал, „Игра во ’ржта“ е првиот и единствениот роман на американскиот писател Џ. Д. Селинџер, кој покрај тоа пишувал и новели и кратки раскази. Иако често била проследена и со критики, најмногу заради експлицитните сцени, оваа книга редовно наоѓа место на листите на најдобри книжевни остварувања на 20-тиот век, а дел е и од задолжителните наставни програми во многу училишта ширум светот.
Ретко кој не слушнал за безвременската класика „Оркански височини“ од Емили Бронте, роман кој во повеќе наврати има доживеано и своја екранизација. Своевремено, овој готски роман доживеал критики заради суровите описи на физичка и психичка тортура, ставовите поврзани со религијата, моралот и местото на жената во општеството, но денес се смета за еден од највеличествените романи во англиската литература. Првично бил објавен под псевдонимот Елис Бел, а веќе на корицата на второто, постхумно издание, стои името на Емили Бронте.
Книгата која ја добила престижната Пулицерова награда за книжевно дело во 1937 година е всушност единствениот роман кој американската новинарка Маргарет Мичел го напишала. „Одвеано од виорот“ станува толку популарен роман, што доживува и своја филмска екранизација која го следи истиот успех на книгата и добива дури 8 Оскари.
Оскар Вајлд напишал многу театарски претстави, раскази и песни, но само еден роман – „Сликата на Доријан Греј“. Првично проследен со многу контроверзии, критики и ословуван како „блуткав и гаден“, денес е еден од најчитаните романи со најмногу филмски адаптации.