Пет наслови на книги по повод Меѓународниот ден на пријателството
Оваа година, по десетти пат го прославуваме 30 јули како Меѓународен ден на пријателството, прогласен од страна на Генералнотo coбраниe на Обединетите Нации во 2011 година.
По тој повод, решив да направам листа од книги кои се преведени на македонски јазик, а кои ја прославуваат нераскинливата пријателска врска меѓу ликовите.
„Раскажувачката“ – Џоди Пико
Книга која, меѓудругото, ќе ве освои и со прекрасното пријателство меѓу Минка и Дарија. Нивната врска која зрачи со топлина, преплетена со бескрајна љубов и грижа, ќе успее да опстои и во суровоста на Втората Светска војна и немилосрдноста на Холокаустот.
„Бунтовна кралица“ – Мишел Моран
Иако се два спротивставени светови – едната кралица, а другата нејзина чуварка – сепак Лакшми Баи и Сита развиваат пријателство исполнето со неверојатна лојалност и почит. Целосно посветена на нејзината господарка, животната мисија на Сита е да ја заштити кралицата која влегува во храбра војна против моќното Британско Кралство.
„Вагонот со сираци“ – Пам Џеноф
Вистинските пријателства не секогаш почнуваат така. Кога Ноа и Астрид ќе се запознаат во еден германски циркуз, меѓу нив почнува да се јавува ривалство и непријателство, за на крајот нивната врска толку многу да се промени, што тие стануваат како сестри кои во заедничка борба, се обидуваат да се спасат од канџите на војната.
„Еленор Олифант е океј“ – Гејл Ханимен
А што е со оние луѓе кои имаат проблем со социјалните вештини и тешко им е да склопат пријателства? – Таква е Еленор. Нејзиниот живот се менува кога го запознава Рејмонд, пелтечавиот и несреден тип од ИТ во фирмата каде што таа работи. Кога таа и Рејмонд заедно го спасуваат Семи, еден постар човек кој доживува незгода на улица, тројцата стануваат еден вид на пријатели кои меѓусебно се спасуваат од изолацијата во која живеат.
„Илјада неверојатни сонца“ – Халед Хосеини
Две жени кои во бруталноста на војната низ улиците во Кабул, немаат ништо друго освен што се имаат една со друга – барајќи меѓусебна утеха, Миријам и Лејла развиваат врска која ќе им даде сила, ќе ги направи храбри и ќе ги води низ сите ужасни работи што мора да ги направат во обид да ја спасат иднината на нивните семејства.