All Fall Down – Jennifer Weiner
Алисон Вајс има среќен живот – згоден сопруг, симпатична ќерка, работа што ја сака и голема куќа во убаво и мирно маало. Но, еден ден додека седи во чекалната на педијатарот на нејзината ќерка, таа отвора списание во кое сосема случајно налетува на квиз: Дали сте зависници? Во тој момент, за прв пат започнува да се прашува: Дали пиењето апчиња против болки е навистина поразлично од пиење чаша вино, на пример? Дали е толку лошо што таа некогаш знае да се напие апче после напорен час по вежбање, или пак… кога нејзиниот сопруг ја игнорира?
Апчињата ѝ помагаат да се справи со реалноста на нејзиниот „убав живот“: со тоа дека нејзиниот сопруг станува сè подалечен, дека нејзината ќерка е премногу чувствителна, дека Алцхајмерот на нејзиниот татко се влошува и дека нејзината мајка едвај успева да се справи со тоа. Алисон си се теши себеси дека апчињата ѝ помагаат да помине низ секој еден ден… но што ако нејзината зголемена употреба на апчиња, навика која станува сè поскапа и потешко за да ја сокрие, се претвора во нејзин најголем проблем?
Аудио верзијата од книгава веќе некое време сум ја имала во компјутер, па додека разгледував низ мојата електронска библиотека што да слушам наредно, случајно ми падна во очи. Искрено, не се сеќавав кога сум ја симнала, ниту пак како сум дошла до неа, а по кратката содржина не ми беше воопшто позната. Сепак, наспроти она што го читав во моментот во печатена верзија, решив да одберам некоја чик-лит книга, па изборот падна на оваа.
Судејќи по кратката содржина на Goodreads и коментарите и оценките на останатите читатели, немав некои високи очекувања, но толку позитивно ме изненади, што уште додека ја слушав, паралелно во глава веќе ги пишував моите импресии за на блогот.
Ќе почнам прво со тоа дека во центарот на книгава е Алисон, поточно нејзината зависност – од момент кога таа за прв започнала за пие апчиња против болки поради повреда на грбот, понатаму низ нејзиното развивање на зависност и конзумирање на апчињата кога реално не ѝ биле потребни, барем не заради евентуални болки, па сè до моментот кога таа е толку зависна од нив, што добива напади кога се обидува да прекине да ги пие. Ликот на Алисон секако е најдобро изграден, за сметка на останатите ликови за кои можеби ќе имате чувство дека само се појавуваат во книгата, но тоа мене лично не ми пречеше, бидејќи фокусот овојпат беше на нешто друго.
Низ раскажувањето полека ја спознаваме приказната на Алисон, која и не е баш свесна дека е зависна од апчиња против болки, сè додека не почне да одговара на прашањата на квизот во списанието додека ја чека нејзината ќерка од преглед. Иако раскажувањето тече во една временска рамка, сепак низ ретроспективата на Алисон, која инаку раскажува во прво лице, се навраќаме на настаните од каде почнал целиот проблем. Како што ја запознавав чекор по чекор, така се приврзував за неа и толку многу се соживеав, што апсолутно можев да ја разберам и да си речам: Па, да сум на нејзино место, можеби и мене би ми требало некое магично апче за да се справам со реалноста…
Можеби клучот лежи во тоа што препознав некои делови од себе во нејзиниот лик – тоа што секогаш се трудеше да ги држи сите конци во рака, тоа што потребите на нејзините најблиски ги ставаше пред своите, тоа што беше растргната на милион страни и се обидуваше секаде да го покрие нејзиното присуство. На крајот дојде до момент на тотален крах, кога повеќе не можеше да го издржи целото темпо и притисок, па почна да посегнува по сè поголема доза на апчиња. Алисон никогаш не гледаше што таа лично сака, ниту што ѝ треба, бидејќи беше премногу занесена во тоа што им треба на другите. Во меѓувреме ја бркаа финансиски проблеми, бидејќи нејзиниот сопруг повеќе не заработуваше толку многу, па трошоците околу нивната куќа беа на нејзини плеќи. Нејзиниот брак почна да се разнишува, а нејзиниот сопруг да станува далечен, што предизвика сомнежи кај Алисон дека можеби ја изневерува. Состојбата на нејзиниот татко стануваше сè полоша, а на моменти таа имаше чувство дека треба да се грижи и за двајцата – и за татко ѝ, па дури и за мајка ѝ.
Во текот на раскажувањето имавме прилика одблиску да видиме како Алисон (не) ја прифаќа нејзината зависност. Сè почнуваше со она: Можам во секој момент да ги откажам апчињата, не е дека ми се потребни секој ден, само уште денес… Апсолутно можам сама да се справам со ова, не ми е потребна туѓа помош… Јас не сум како другите зависници, јас не припаѓам во центар за рехабилитација, јас не сум таков случај и можам сама… Ми треба само стратегија, прво ќе почнам да ја намалувам дозата, за на крајот целосно да прекинам со конзумирање… Не е дека немам контрола над целата ситуација, но ми треба само уште една доза за да го поминам денов…
И чудно е како луѓето околу нас кои толку многу се ослонуваат на нашата помош и за кои мислиме дека не биле способни да направат нешто без наша поддршка, можат да бидат наша потпора кога ни е потребно. Таков беше случајот со мајката на Алисон која постојано ја бараше за помош околу нејзиниот татко, постојано кукаше дека не може да се справи со тоа, на моменти не беше способна трезвено да размислува и секојдневно за секаков проблем ја бараше Алисон. За на крајот кога Алисон почна да се распаѓа, нејзината мајка да биде способна да собере сила и да ѝ биде од помош. Па дури и ќерката на Алисон, која иако беше многу малечка, сфати дека нејзината мајка е во неволја и дека не ѝ е добро, па дури почна вината да ја бара во себе, постепено напуштајќи ја нејзината чувствителност и постојана потреба од внимание.
За крај ќе споделам дел од цитатите кои ми се допаднаа, а ги имаше многу:
“You’ve got to make time. It’s important. You know how they tell you on planes, in case of an emergency, the adults should put their oxygen masks on first? You’re not going to be any good to anyone if you’re not taking care of yourself.”
“Admitting you had a problem was the first step – everyone knew that – but admitting you had a problem also left you open to the possibility that maybe you couldn’t fix it.”
“With motherhood and marriage there was no finish line, no hour or day or year when you got to say you were through. Life just went on and on, endless and formless, with no performance evaluation, no raises or feedback or two weeks’ vacation.”