„Напишано со тебе“ – Али Мартинез
Кога имав петнаесет години, еден куршум ми го смени животот. Ја поминав следната декада обидувајќи се да побегнам од ужасот од моето минато, градејќи империја за да се заштитам од сè што би можел да ми приреди животот.
Но, немаше пари што можеа да ми помогнат кога најдов расплакано новороденче оставено на мојот праг.
Никогаш не сакав да бидам татко. Не сакав никому, а најмалку на невино дете, да му ја пренесам гнасотијата што течеше низ моите вени – тоа ми личеше на трагедија. Но ете, таа сега беше таму, на мојот праг – со розови обравчиња, црвена коса и дефинитивно моја.
Некако, тоа мало девојченце стана најдоброто нешто што некогаш ми се случило. Беше невозможно да останам изгубен во минатото кога јас бев единствениот на светот кој можеше да ѝ донесе безбедност и заштита во иднината. И затоа, кога мајка ѝ конечно реши да се врати по неа четири години подоцна, јас бев подготвен за борба.
Само камо среќа да можев да не се заљубам во неа за време на војната…
Онаму каде заврши „Напишано со каење“, продолжи вториот дел од овој Regret дует, за чии делови веќе пишав дека не можете да ги читате одделно или по обратен редослед, бидејќи се врзани и настаните течат хронолошки.
Иако веќе напоменав во претходната статија дека не ми се допадна како заврши „Напишано со каење“, сепак знаев дека веднаш ќе продолжам со читање на вториот дел, затоа што сакав да видам како ќе се одвиваат настаните и притоа сакав да оставам простор за оваа книга да извлече повисок просек за двете. Сепак, морам да бидам искрена и да кажам дека вториот дел дури ми се допадна помалку од првиот.
Прво нешто што би го кажала е дека ми недостигаше некој конкретен заплет кој ќе биде во главен фокус на приказната. Во текот на раскажувањето постојано имаше сплетки и интриги една по друга, но немав чувство дека ни беше понуден конкретен расплет кој го чекаме. Вака дури ми наликуваше на некоја серија која од епизода во епизода има најразлични сплетки за да го држи вниманието на публиката. Можеби тука веќе Али изгубила идеја, за разлика од првата книга каде работите беа одлично склопени и патот до крајот беше совршено поплочен. Затоа и малку се изгубив од колосек и не бев сигурна кон каде целиме со приказната. Можеби вината е моја и не сум ги препознала патоказите, не велам не 🙂
Друго нешто што не ми се допадна беа одредени повторувања кои се провлекуваа низ целата книга, ама буквално, од самиот почеток па сè до крајот. Дури добив впечаток дека некои од дијалозите меѓу двата главни ликови се само ископирани повеќе пати, бидејќи во повеќе наврати го зборуваа истото. Тоа ми пречеше и искрено на моменти ме иритираше.
За крајот, повторно ќе кажам дека за мој вкус и ова продолжение имаше премногу драма, и тоа од онаа „шпанска серија“ драма. Знам дека веројатно сум во малцинството на кое не му се допаднал овој дует, барем судејќи по она што го читам по читателските групи на социјалните мрежи, од каде впрочем ја добив идејата и препораката за да ги прочитам овие две книги. Сепак, останувам на тоа дека кога првиот дел би завршил со расплет и без никакво продолжение, приказната би била многу, сериозно многу подобра.