„Една страшна зима“ – Лиса Клејпас
Очајна да побегне од нејзините злобни и расипани роднини, Еванџелин Џенер бара помош од најзлогласниот ерген во Лондон. И договорениот брак помеѓу нив е единствено решение, иако никој не би ја споил срамежливата девојка која пелтечи кога зборува со згодниот виконт кој е легендарно популарен помеѓу жените. Но, набрзо станува јасно дека Иви е жена со скриена сила во себе… и иако делува покорно и кротко, Себастијан од некоја причина ја посакува повеќе од која било друга жена што ја запознал.
Решена да го освои ладното срце на својот сопруг, Иви се осмелува да склучи зделка со ѓаволот: Ако Себастијан успее да остане целибат три месеци, таа ќе му дозволи да ја одведе в кревет.
Кога на Иви ѝ се заканува одмаздољубив непријател од минатото, Себастијан се заколнува дека ќе направи сè што треба за да ја заштити својата сопруга… па макар и по цена на сопствениот живот.
Периодов бев расположена за некој историски роман, па овојпат изборот падна на првиот дел од серијалот на Лиса Клејпас. Со оглед на тоа дека ја слушав аудио верзијата, акцентот и стилот на нарација успеа комплетно да ме однесе во друг век и да ми ги задоволи апетитите за историска книга. Никогаш претходно не сум ја читала Клејпас, но книгава ми се допадна доволно за веднаш да продолжам со уште еден дел од серијалот, „Се случи една есен“ која во моментов ја читам.
Приказната ми беше интересна, иако по малку предвидлива. Ликовите ми беа допадливи, иако можеби очекував ликот на Себастијан да ми се допадне многу повеќе. Всушност вака кога ќе размислам, сфаќам дека воопшто не успеа да ме освои. На негова сметка, симпатиите ми отидоа кај ликот на Иви, иако на почетокот ми беше малку одбивна. Главно причините поради кои книгава ја оценив со 3 ѕвездички, а не повеќе, се должат на некои неразјаснети работи кои ги имав во текот на читањето, односно работи на кои посакувам Лиса малку повеќе да се задржела и да ги разработела. Покрај тоа, ми недостигаше малку поголема длабочина во врската која се развиваше меѓу Иви и Себастијан. Без да откривам премногу, во овој дел само ќе кажам дека посакувам да видевме нешто повеќе од површни емоции.
Сепак, и покрај наведените забелешки, би рекла дека доколку сте расположени за историска романса, да ѝ дадете шанса на книгава. Мене ме заинтересира доволно за веднаш потоа да почнам со „Се случи една есен“ која можам слободно да кажам дека (барем засега) ми се допаѓа повеќе од оваа 🙂