5 нови наслови кои можеме да ги очекуваме во октомври
Октомври е еден од најубавите месеци кога е во прашање читањето како хоби, веројатно затоа што првиот есенски студ ги тера повеќето да зграпчат некоја книга и топла напивка и да се склопчат додека полека потонуваат во некоја интересна приказна 🙂
За овој октомври најавени се навистина многу нови наслови кои во текот на наредниот месец ќе се најдат во книжарниците, а јас овојпат одбрав пет книги од автори кои многу добро ѝ се познати на македонската читателска публика.
Со оглед на тоа дека летото веќе заврши, а со тоа и периодот кога најмногу се читаа чик-лит книги, октомври го означува почетокот на трилерите, мистериите и хорор приказните, па ајде да видиме што ново ќе имаме во овие жанрови.
Goodnight Beautiful – Aimee Molloy
Ејми Молој која кај нас засега е позната по книгата „Совршената мајка“ овојпат има нова мистериозна приказна во чиј фокус се наоѓаат Сем Статлер и Ени Потер. Како пар кој штотуку запливал во брачните води, Сем и Ени се превозбудени што го напуштаат бучниот живот во Њујорк преселувајќи се во мирното родно место на Сем. Или, како што се чини – живот во кој Ени најголемиот дел од времето ќе го поминува сама дома, додека Сем поминува долги часови во неговата психијатарска ординација, грижејќи се за егото на неговата (главно женска) клиентела. Но, она што не го знае Сем е дека низ отворот за вентилација, сите исповеди од неговата канцеларија се пренесуваат на горниот кат. Сопругата на фармацевтот размислува за развод. Популарна сликарка има момче кое не ја задоволува во кревет. Кој би можел да одолее и да не ги слушне ваквите приказни? Се чини дека сè е во ред додека не се појави една Французинка во зелен мини Купер, а Сем ќе реши да не се враќа дома, ставајќи крај на неговиот брак со Ени.
Од авторката на познатиот психолошки трилер „Во шумата“ овојпат ни доаѓа приказната за пензионираниот детектив Кал Хупер, кој се сели во далечно село во Ирска. Неговите планови се да ја поправи трошната куќа што ја купил, да шета по планините и засекогаш да се збогува со неговите стари, полициски инстинкти. Тогаш, едно момче од селото му се обраќа за помош. Неговиот брат е исчезнат и се чини дека никој во селото, а најмалку полицијата, не се грижи за тоа. Кал чувствува дека нешто не е во ред со заедницата која станува негов дом, а тој е решен да открие што, па дури и ако тоа му донесе проблеми.
The Sentinel – Lee Child, Andrew Child
Знам дека имаме многу читатели кои ги сакаат трилер книгите на Ли Чајлд, па решив на листава да ја ставам и оваа книга која Ли ја напишал со неговиот брат Ендру.
И оваа книга повторно е врзана за ликот на Џек Ричер, кој верувам дека веќе сте го запознале во книгата „Натерај ме“. Близу полноќ во сабота навечер, Џек се симнува на автобуската станица Грејхаунд во едно заспано, безимено гратче пред Нешвил. Како и секогаш, тој не брза. Нема конкретно место кон кое е упатен и никој не го чека. До рано изутрина, тој веќе е во Плезентвил, Тенеси. Но, таму не го пречекува ништо убаво. Сред бел ден, Џек е сведок на заседа – четворица спрема еден… А тоа е доволно за тој да се впушти во спас по кутриот, нападнат човек. Откако ќе успее да го спаси, Џек дознава дека човекот се вика Русти Рудерфорд – ненаметлив ИТ-менаџер, неодамна отпуштен откако во сајбер напад се заклучени сите официјални податоци, записи и информации на градот… а со тоа и тајни. Рудерфорд сака да си го обели образот и да ја докаже својата невиност. Џек е заинтригиран – во целата приказна има и нешто друго, а тој е решен да ја дознае позадината.
A Time for Mercy – John Grisham
Овој октомври, Џон Гришам ќе нè почести со ново продолжение на неговиот серијал во кој водечката улога ја има веќе познатиот лик – адвокатот Џејк Бриганс. Овојпат, тој е во епицентарот на сензационалното судење за убиство кое горко ги дели граѓаните на Клентон, Мисисипи. „Време кога се убива“ (A time to kill) е еден од најпопуларните романи кој Бриганс го прикажа како класичен американски херој – адвокат кој ја бара вистината и правдата по секоја цена, дури и кога животот и угледот му се загрозени. Денес, Бриганс повторно се наоѓа вовлечен во судење со длабоки раздори. Овојпат тој е назначен за адвокат на Дру Гембл, млад човек обвинет за убиство на локален пратеник. Многумина во Клентон сакаат брзо судење и бараат смртна казна, но Бриганс врз целата ситуација гледа на друг начин. Откако ги дознава сите детали за случајот, тој сфаќа дека мора да стори сè што е во негова моќ за да го спаси Дру кој има само шеснаесет години. Посветеноста на Бриганс ги става на ризик неговата кариера и безбедноста на неговото семејство.
Доколку пак сè уште сте во „летно“ расположение и месец октомври во никој случај не ве тера да се откажете од чик-лит книгите, без грижи. Софи Кинсела е тука 😀
Love Your Life – Sophie Kinsella
Наречете ја Ава романтична, но таа смета дека постои љубов која може да биде пронајдена во вистинскиот свет, а не на апликациите што ги филтрираат мажите според нивната висина, професија или хороскопски знак. Таа верува во чувства, а не во алгоритми. Затоа, по неодамнешното раскинување и дебакл на апликацијата за запознавање, таа одлучува љубовта да ја стави во мирување и да избега во писателскиот камп во крајбрежната Италија. Таа е решена таму да го заврши пишувањето на романот за кој фантазирала, иако тоа значи да ги остави зад себе нејзините блиски пријатели и нејзиното сакано куче Харолд.
На кампот, таа не смее да го користи своето вистинско име или да открива какви било лични информации. Кога соседниот камп за воени вештини ќе се откаже, тамошните членови ќе се приклучат на нивната мала заедница за пишување. Тогаш Ава, која во кампот се претставува како „Арија“, ќе се запознае со „Холанѓанецот“, човек кој изгледа премногу добро за да биде реален. Двајцата започнуваат љубовна врска без багаж, слободно впуштајќи се во нивната авантура која ги носи низ карпите во медитерански води, истражувајќи го сјајот на италијанскиот брег.
Но, сè си има свој крај, па така сега тие со нивните вистински идентитети – Ава и Мет – мораат да се вратат во Лондон. Како што нивната фантазија почнува да згаснува, тие откриваат колку се различни нивните лични светови. Од избор на храна, преку досадни навики кои ги имаат, па сè до начинот на однесување во сауна… дали тие си одговараат во нешто, воопшто? И секако, тука е и непријатната ситуација со поранешната девојка на Мет, која не е премногу желна да го остави. Дали тие двајца можат да се помират со нивните разлики за да најдат заеднички живот?