„Се случи една есен“ – Лиса Клејпас
Четири млади дами се здружуваат со една цел: мора да ја искористат својата лукавост и интелигенција за да си најдат сопрузи.
На баловите во Лондон, прекрасната и храбра Лилијан Боуман полека сфаќа дека нејзината независност и темпераментност стекнати во Америка не се баш најатрактивни особини за мажите во Англија. А најкритички настроен кон неа е неподносливиот и невозможен сноб Маркус, лорд Вестклиф – најпожелниот ерген аристократ во Лондон.
Но, Лилијан испробува еден нов чудесен парфем кој има магичен ефект врз мажите, па Маркус шокантно – и опасно – одненадеж ја бакнува скришно во градината. Лилијан ја обзема неопислива страст за човек кој не ѝ се ни допаѓа. Во тој момент, времето запира и не постои никој освен тие двајца… жива среќа само што никој не ги начекува на дело!
Маркус е човек кој има максимална контрола над своите емоции, стабилен како карпа. Но, со темпераментната Лилијан, секој допир е исклучителна тортура, секој бакнеж неодоливо заведување. Kако би можел да помисли да земе толку несоодветна жена… за невеста?
„Се случи една есен“ е книга која почнав да ја читам веднаш по „Една страшна зима“ – двете книги се дел од истиот серијал од Лиса Клејпас, но можат да се читаат засебно.
Уште во рецензијата за „Една страшна зима“ напишав дека овој дел од серијалот ми се допаѓа повеќе – таков ми беше впечатокот уште на самиот почеток и таков остана до крајот. Некако самата приказна ми беше поинтересна, пошаренолика, можеби и од самиот факт што беа вкучени повеќе ликови, секој со свои животни околности. Со оглед на тоа дека овој дел го почнав веднаш по „Една страшна зима“, морам да признаам дека на почетокот малку ги смешав, поточно ги помешав ликовите на лорд Вестклиф и Себастијан. Веројатно поради тоа што од аспект на локацијата, времето и опкружувањето, се вратив на истото, згора на сè аудио верзијата ја читаше истиот наратор, па тоа дополнително ми создаде конфузија. Како и да е, како што се плетеше приказната, така сè полесно го дистанцирав Себастијан од лорд Вестклиф, бидејќи сè повеќе добиваа различни белези како ликови. Морам да кажам дека лорд Вестклиф ми се допадна многу повеќе, не само како лик, туку и во однос на тоа како беше прикажан. Имаше повеќе карактер, дури и позадина, што не го почувствував кај Себастијан кој ми беше некако блед и еднодимензионален.
Во текот на читањето, односно слушањето, имав чувство како речиси сите забелешки кои ги имав за „Една страшна зима“, во овој дел да се поправени. Ми се допадна и тоа како се развиваше врската меѓу Лилијан и лорд Вестклиф – не е дека имаше нешто невидено и оригинално во тоа како почна, а како заврши нивната врска, но сепак ми беа многу посимпатични во нивните “cat fights”, особено затоа што и двајцата беа тврдоглави и не отстапуваа од своето, па ми се допадна тоа што никој од нив не беше доминантен како лик, туку и двајцата ми оставија чувство на силни карактери.
Дополнително од она што ми се допадна е што можев да добијам целосна слика, па дури и да направам паралела на жените во Британија и оние во Америка, на нивните манири, кодекси на однесување, што се сметало за општествено прифатено, а што не, што кај жените ги привлекувало Британците од една страна, а што Американците од друга. Некако тоа ми помогна целосно да се „преселам“ во 19-тиот век додека ја слушав книгава и да ги согледам разликите меѓу овие две нации.
„Скандал на пролет“ (следниот дел во овој серијал) веќе е преведен од Сакам книги и веројатно ќе го прочитам и тој, но со сигурност ќе направам мала пауза, за да не се заситам 🙂