„Девојка од мал град“ – Лиса Клејпас
Либерти Џоунс има соништа и одлучност што ќе ја одведат далеку од Велком, Тексас… ако успее да престане да одлучува со лудото срце наместо со разумот. Харди Кејтс гледа на неа како на забрането овошје. Неговите животни амбиции се далеку поголеми од Велком, а Либерти Џоунс е само непотребна дистракција. Но, има нешто магично и моќно што ги влече еден кон друг, некоја опасна привлечност што е посилна од нив двајца.
Тој е единствениот маж што таа не може да го има…
Кога Харди заминува од градот за да ги реализира своите планови, Либерти останува сама, со својата помала сестричка за која мора да се грижи. До некаде беспомошна, Либерти наскоро влегува во мрежата на еден постар милијардер – некои дури и го нарекуваат нејзин „спонзор“, но нивната врска всушност е многу подлабока од тоа, па Либерти наскоро почнува да открива тајни за минатото на нејзиното семејство.
Двајца мажи. Една жена. Одлука што може да ѝ го скрши срцето или засекогаш да го исцели…
Лиса Клејпас неодамна ја запознав со две нејзини книги од ист серијал – „Се случи една есен“ и „Една страшна зима“, но добив желба да ја видам и во оваа модерна романса која исто така е дел од серијал под наслов The Travis Family. Најпрво морам да кажам дека многу ми се допаѓа како е спакувано македонското издание на оваа книга – и насловот и корицата ми се допаѓаат многу повеќе отколку оригиналното издание чиј наслов е Sugar Daddy. Да сум налетала на книгава на Goodreads, сигурна сум дека базирајќи се на првичниот впечаток, никогаш не би ме привлекла да ја прочитам.
Е сега околку содржината – ја слушав аудио верзијата која со оглед на тоа дека случувањата во приказната се одвиваат во Тексас, беше доловена со соодветен акцент во нарацијата кој многу ми помогна со мислите да се „преселам“ на таа локација. Но, можеби поради начинот на зборување, а сигурно и поради тоа што двете книги од Клејпас кои ги прочитав пред оваа се одвиваат во минато време, на моменти „се фаќав“ себеси како самата „се преселувам“ и временски, па заборавав дека дејствијата всушност се случуваат во сегашноста. Секое спомнување на мобилен телефон или нешто кое се врзуваше за модерното време, инстантно ме враќаше во сегашноста 😀
Во однос на ликовите – Либерти ми беше симпатична како лик, можеби малку изгубена и наивна, но со оглед на нејзините животни (не)прилики, мислам дека одлично пловеше низ сите бури кои ѝ ги приреди животот. Не дека беше од оние импресионирачки ликови кои ќе ве воодушеват и ќе ви останат во сеќавање, но ми беше пријатно да ја следам низ нејзините животни авантури и справување со сите пречки на патот до подобар живот. Но, машките ликови во приказнава не ми се допаднаа и дури ми беше сеедно кого Либерти ќе одбере во љубовната дилема. Не знам на што се должеше мојата рамнодушност во однос на тоа, можеби ми недостигаше малку подобро да ги запознаам како ликови, можеби па и не ми се допаднаа нивните лични карактеристики кои ги спознавав низ нивните постапки, но во секој случај ниту еден од двајцата не ми се допадна доволно за да навивам за него 🙂 Дури вака кога ќе си замислам, ако ги тргнам тие два ликови и нивниот (условно кажано) придонес, мислам дека Либерти и нејзината судбина ќе беа сосема доволни за да ја носат целата приказна и тука ќе немавме апсолутно никаква потреба од било каков маж 😀
Она што ми се допадна беше начинот на кој беа претставени луѓето од Тексас – нивните животни навики, интереси и слично. Сакам кога во книгите покрај самата приказна ќе добијам и нешто повеќе, во случајов поблиска слика за „тексашкиот“ живот. Можеби за читателите од Тексас ваквото портретирање е полно со стереотипи и свесна сум дека не треба да се генерализира однесувањето на една цела нација, но ете, ми беше интересен и тој дел 🙂