Fangirl – Rainbow Rowell
Кет е фан на Сајмон Сноу. Добро, целиот свет е фан на Сајмон Сноу.
Но, за Кет, да се биде фан е смислата на нејзиниот живот – и таа е навистина добра во тоа. Таа и нејзината сестра близначка Рен, го следат серијалот за Сајмон Сноу уште од деца; тоа е она што им помогнало да го надминат заминувањето на нивната мајка. Тие две ги читаат и препрочитуваат книгите за Сајмон Сноу, се дружат со други негови фанови на форуми, а Кет дури и пишува фан фикција за нејзиниот омилен лик.
Иако Рен го надраснала ова, Кет сè уште живее во тој свет.
Кога тие две се запишуваат на колеџ, Рен изразува желба да биде што помалку време со Кет, а тоа значи да не бидат цимерки. Ова ја остава Кет сама, целосно надвор од нејзината комфорна зона. Наместо нејзината сестра близначка, таа добива темпераментна цимерка со шармантно момче кое се чини дека секогаш е во нивната соба… Покрај тоа, Кет не може да престане да се грижи за нејзиниот татко, кој е мил и кревок и никогаш (дотогаш) не бил сам.
За Кет, прашањето е: Дали ќе успее да зачекори во светот на возрасните без Рен да ја држи за рака? Дали е подготвена да започне да го живее сопствениот живот? Пишувајќи свои сопствени приказни? И дали таа воопшто сака да продолжи понатаму и да го остави Сајмон Сноу зад себе?
Вака кога ќе ја прочитам кратката содржина, сфаќам дека не само што не звучи привлечно (барем за мене) туку и малку нејасно. Па, оваа рецензија би ја започнала со мало појаснување на работите. Кога е во прашање Сајмон Сноу, треба да имате на ум дека е фиктивен лик кој во книгава всушност се појавува во многу популарен серијал на книги, нешто налик Хари Потер на пример. Кет и Рен од деца се опседнати со овие книги, а подоцна Кет почнува да пишува фан фикција со главните ликови од оригиналниот серијал, со тоа што таа пишува свои, самостојни приказни, единствено користејќи ги веќе постоечките ликови. Тука би се надоврзала на самиот склоп на книгата – поглавјата течат во една временска рамка и ја следат приказната на Кет кога таа го започнува колеџот, а наизменично меѓу поглавјата се дадени исечоци и од оригиналниот серијал и од фан фикцијата која ја пишува таа. Ова ми се виде интересно, барем на почетокот, но потоа веќе почнав малку да ги мешам работите и не можев да следам што всушност се случуваше во оригиналниот серијал, а што во пишувањата на Кет. Од таа причина вниманието малку ми бегаше во тие делови, но тоа не ме попречи во следење на животната приказна на Кет.
Книгава е типична YA и тоа треба да го имате предвид. Од таа причина ја оценив со три ѕвездички, иако на моменти сакав да ѝ дадам помалку, но тоа што самиот жанр е таков не е вина на Рејнбоу Ровел, па не би било фер да ѝ го намалам просекот заради тоа. Во однос на тоа што го споменав претходно, книгава допира повеќе теми кои ги засегаат помладите – зачекорувањето во еден поинаков свет кој доаѓа после средношколството, откривање на самиот себеси, пронаоѓање на она со кое сакаш да се бавиш целиот живот, дилеми околу изборот на факултет (односно во случајов колеџ) и идната професија и слично. Да бев во тие години, верувам дека многу повеќе ќе се пронајдев во околностите кои ги имаа ликовите, но вака бев само набљудувач и дури не успеав да ја најдам ниту помладата „јас“ во целата ситуација.
Во секој случај ќе кажам дека ако ви се допаѓаат YA книги и доколку се пронаоѓате во ваквите животни околности, дајте ѝ шанса 🙂